X
 24.11.2017 Култура

Благој Веселинов, актер: Искреност, верба и многу надеж го вивнаа „Исцелител“

Патот до Веле беше поплочен со огромна поддршка од екипата, за разлика од ликот на Веле, кој е отфрлен од општеството. Мислам дека е многу лесно кога 90 отсто од луѓето што те опкружуваат се викаат Веле

Дел од екипата на филмот „Исцелител“ утревечер ќе го промовира филмот на филмскиот фестивал од A-категорија - „Black nights“ во Талин, Естонија. Актерот Благој Веселинов деновиве е ѕвездата од големото филмско платно, создавајќи маестрална прва главна улога во својата кариера, отфрлениот од општеството Веле, во филмот на Ѓорче Ставрески.
Досега играл во неколку македонски филмови, во неколку театарски претстави на сцената на националните театри, но пред сѐ, на независната сцена, за која вели дека е негов дом.


Во „Исцелител“ улогата на Веле ја толкувате зрело, со многу душа и посветеност. Ова Ви е прва главна улога на филм, а изгледа како барем десет такви да се зад Вас. Што Ви беше најголемиот предизвик во проектот на Ставрески?

- За состојбата на ликот сè уште не сум во можност да направам дистанца и да донесам заклучок за квалитетот на улогата. Ќе уживам во коментарите на публиката уште некое време. Секако, најголем предизвик е тоа што ова е моја прва голема улога на филм, прв голем филм за поголемиот дел од екипата и за режисерот Ѓорче Ставрески. Сакам да ѝ се заблагодарам на целата екипа која, ве уверувам, беше синхронизирана до последниот ден, што е огромна реткост во филмскиот свет во Македонија.

Со актерот Анастас Тановски направивте добитен актерски тандем. Актерската хемија е повеќе од очигледна. Каков беше Вашиот пат до Веле?

- Ова беше моја прва соработка со Тановски, татко каков што човек може само да посака, актер пред кого би си дозволил да се „соголам“ и со кого се гледам во секаква пригода во нашата професија. Што би рекол тој: „Нашите два света се судрија“. Патот до Веле беше поплочен со огромна поддршка од екипата, за разлика од ликот на Веле, кој е отфрлен од општеството. Мислам дека е многу лесно кога 90 отсто од луѓето што те опкружуваат се викаат Веле.



„Исцелител“ ја враќа вербата во македонскиот филм. Доаѓаат нови генерации режисери што нудат нови приказни и излегување од историската матрица. Врвни фестивали веќе ги отворија вратите за овој филм, каков што е фестивалот во Талин. Ве радува ли можноста пред светот да го промовирате филмот?

- Седнат на кафе во една слаткарница во Карпош го гледам Ѓорче, кој ми ја прераскажува веќе видливата судбина на филмот, која од тој агол беше само искра светлина. Машки си подадовме рака и ја прифативме судбината на филмот, која е и наша и... Оп... искреност и верба, посветеност и љубов и надеж, многу надеж. Така, како и сѐ друго, како карма што го следи „Исцелителот“, филмот тргна по угорница по која ние продолживме да го следиме. Талин е надвор од нашите очекувања, надвор од нашите животи, а ние сите заедно првпат сме внатре. Со еден збор, гостувањето во Талин е возвишено!

Досега имавте помали улоги во „Балканот не е мртов“, „Сенки“, „Панкот не е мртов“. „Исцелител“ одушевува со хуморот, со приказната. Во какви сценарија сакате да се гледате почесто?

- Мојата фантазија бара филмови кои, за жал, не беа дел од македонската кинематографија. Мојата желба е мојата фантазија да стане реалност. Во иднина, на сите македонски филмаџии им посакувам да станат дел од модерниот европски и светски филм. Сакам издржани сценарија, какво што е ова на Ставрески.


Играте и во „Дедо и внук“ на режисерот Илија Пиперкоски. Се очекува филмот да биде готов вгодина. Каква улога играте таму?

- Да, кон крајот на мај го завршивме снимањето на „Дедо и внук“, филм кој целосно се снимаше во Охрид. Екипата беше на ниво на задачата и моите очекувања од овој филм се огромни. Уште едно убаво искуство кое верувам дека ќе се преточи во одлична драма. Ме радува тоа што за разлика од Веле, во овој филм го толкувам ликот на Филип, кој има агресивен поглед на светот. Таа разлика беше огромен предизвик.

Одличен тандем со Анастас Тановски

Дипломиравте на ФДУ во класата на Владимир Милчин. Не сте член на некој национален ансамбл, а независната театарска сцена Ви е при срце. Во каков театар сакате да создавате?

- Осум години по завршувањето на студиите на ФДУ, зборовите на професорот Милчин ми ѕвонат во глава и паниката е голема, зашто како што минуваат годините, стануваат сѐ посилни и добиваат поголем волумен... затоа што се вистина! Руска школа - тоа е нашата подготовка, нашата сила. Не сакам театар во кој актерите кукаат, плачат и се несреќни. Не сакам театар во кој големи глумци претаат од немоќта да си ја сработат улогата. Не сакам театар во кој има остатоци и трошки од спомени. Сите други ги сакам.

Независната сцена стана мој дом, таа ме одржа во кондиција сиве овие години и им благодарам на сите режисери што безрезервно одлучија да работат со мене... знаете колку ми значи таа љубов.

Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура