X
 12.01.2024 Наука

НАСА конечно успеа да го отклучи заглавениот примерок од астероидот Бену

По едномесечен процес, конечно е отклучен материјалот земен од астероидот Бену, објави НАСА.

Вселенската агенција веќе собра 70 грама камења и прашина од својата мисија наречена „ОСИРИС-Рекс“, која патуваше повеќе од 8 милиони километри за да собере примерок од астероидот Бену.

Но, НАСА во октомври откри дека дел од материјалот беше недостапен. Отклучувањето на механизмот не беше едноставна задача. Вселенската агенција мораше да користи однапред одобрени материјали и алатки околу капсулата за да го минимизира ризикот од оштетување и контаминација на примероците.

Исто така, овие нови алатки требаше да функционираат во цврсто затворениот простор на кутијата, ограничувајќи ги висината, тежината и потенцијалното движење на лакот.

- Тимот покажа импресивна отпорност и изврши неверојатна работа за да ги извади примероците. Пресреќни сме поради успехот - изјави д-р Никол Лунинг, раководител на „ОСИРИС-Рекс“ во вселенскиот центар „Џонсон“ на НАСА во Хјустон.

За да го реши проблемот, НАСА рече дека биле создадени две алатки од хируршки челик. Остануваат уште неколку дополнителни чекори за расклопување.

Анализата на материјалот од Бену што истражувачите на НАСА го собраа минатата есен веќе откри дека примероците од астероидот содржеле изобилство на вода во форма на хидрирани глинени минерали, како и јаглерод.

Научниците веруваат дека знаците на вода во астероидите ја зајакнуваат сегашната теорија за тоа како таа пристигнала на Земјата пред милијарди години.

Некои од примероците на Бену кои претходно беа собрани се херметички затворени во контејнери за складирање за идни истражувања, според соопштението на НАСА.

Извор: CNN
Фото: Robert Markowitz/NASA
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука