X
 24.07.2020 Наука

Силен метеорски дожд ги погодил Земјата и Месечината пред 800 милиони години

Во текот на историјата Земјата била напаѓана од најразлични непознати предмети, а некои од нив предизвикале големи настани што го обликувале местото што денес го нарекуваме дом.

Еден ваков инцидент бил огромниот туш од астероиди што ги бомбардирал и Земјата и Месечината пред 800 милиони години. Ударот се случил пред периодот криоген, помеѓу 635 и 720 милиони години, кога Земјата била покриена со ледени пустини. Ова било ера на големи еколошки и биолошки промени, велат истражувачите. Истражувањето било објавено во вторникот во списанието „Нејчр комјуникејшнс“.

Ударот имал сила 30 до 60 пати поголема од оној што се случил пред 65 милиони години, кој ги избриша диносаурусите од лицето на Земјата.

Овој метеорски дожд што се случил пред 800 милиони години веројатно длабоко ги променил околината и биологијата на Земјата. Но, проблемот е што на Земјата, поради ерозијата предизвикана од вулканите и другите геолошки процеси, за научниците е тешко да откријат како влијаел метеорскиот дожд. Секакви влијанија на кратерите на Земјата пред 600 милиони години се избришани.

Затоа научниците дошле до идеја да ги проучат кратерите на Месечината, каде што практично немало ерозија. Благодарение на податоците на јапонската сонда „Кагуја“, која била лансирана во орбитата околу Месечината во 2007 година, научниците од Универзитетот во Осака откриле дека гигантскиот астероид со дијаметар од најмалку 100 километри се распаднал и паднал во системот Земја-Месечина.

planeta
Фото: Freepik

Од 59 кратери на Месечината, за кои истражувачите откриле дека имаат дијаметар поголем од 20 километри, 8 кратери се формирале во исто време. Тука е вклучен и кратерот Коперник.

Астронаутите на „Аполо 12“, втората управувана мисија што слета на Месечината, го зеле примерокот за кој се верува дека бил материјал исфрлен од кратерот Коперник кога бил создаден. Примероците што ги собрале по слетувањето, на 19 ноември 1969 година, датираат од пред 800 милиони години.

За време на дождот, голема количина фосфор била доставена на Земјата и огромни количини на нестабилни елементи како јаглерод, азот и вода биле доставени на површината на сувата Месечина.

Фосфорот можел да дејствува како хранлив елемент за промовирање поголем раст на алгите на Земјата. Исто така, можно е пристигнувањето на елементите преку астероидите на Земјата да влијаеле врз морските биогеохемиски циклуси, сериозни нарушувања на климатскиот систем на Земјата и појавата на животните, велат авторите на истражувањето.

Се смета дека астероидот Еулалија, од типот Ц, кој се наоѓа во астероидниот појас помеѓу Марс и Јупитер, да го предизвикал дождот, велат научниците. Астероидите од типот Ц содржат јаглерод и се астероиди од нашиот Сончев Систем.

Извор: Edition.cnn.com
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука