X
 12.05.2023 Живот

Стари фотографии ги прикажуваат првите машини за перење

Пред појавата на машината за перење, перењето често било заедничка активност. Селата низ Европа што можеле да си го дозволат тоа граделе пералници, понекогаш познати по француското име „lavoir“.

Водата доаѓала од поток или извор во објект кој имал само покрив и бил без ѕидови, а содржел два мијалници: едниот за миење, а другиот за плакнење низ кој постојано течела вода.

Перењето било резервирано за жените, кои ги переле сите алишта на семејството. Така, овие пералници биле задолжителна станица во животот на многу жени, па станале еден вид институција или место за состаноци. Тоа било место само за жени кадешто  тие можеле да разговараат за различни работи.

Понекогаш, големи метални котли се полнеле со свежа вода и се загревале на оган бидејќи топлата вода подобро перела од студената.

Првиот англиски патент под категоријата машини за перење бил издаден во 1691 година, а првиот цртеж од машина за перење се појавил во јануарското издание на списанието „Џентлменс магазин“ во 1752 година.

Дизајнот на машината за перење на Јакоб Кристијан Шафер бил објавен во 1767 година во Германија. Во 1782 година Хенри Сиџие издал британски патент за ротирачка машина за перење со барабан, а во 1790 Едвард Бетам продал многу „патентни машини за перење“ во Англија.

Индустриската револуција целосно ја трансформирала технологијата за перење алишта. Кристина Хардимент тврди дека развојот на домашната машинерија довел до ослободување на жените.

Пронаоѓачите од 19 век дополнително го механизирале процесот на перење алишта со различни рачни машини за перење.

Првата електрична машина за перење била „тор“, комерцијално продадена во САД. Произведена од компанијата „Харли електри лондри еквипмент“ со седиште во Чикаго во 1907 година, се верува дека „тор“ е првата машина за перење алишта на електричен погон. Дизајнирана од инженерот Алва Џ.Фишер, патентот за „тор“ бил издаден на 9 август 1910 година, три години по првичниот изум.

Во 30-тите години дизајнот на машините бил подобрен и повеќе внимание било посветено на електричната и механичката безбедност.

До 1940 година 60 отсто од 25.000.000 домови во САД имале електрична машина за перење.

Во Велика Британија и во Европа електричните машини за перење станале популарни дури во 50-тите години на 20 век. Ова во голема мера се должи на економското влијание на Втората светска војна врз потрошувачкиот пазар, кој не се поправил до доцните 50-ти години.

ГАЛЕРИЈА

Извор: Rarehistoricalphotos.com
Фото: Shorpy / Wikimedia Commons / Flickr / Pinterest / Library of Congress
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот