X
 30.06.2022 Наука

Кина објави нови слики од Марс

По повеќе од една година на површината на Марс, кинеската сонда „Тjанвен-1“ направи снимки кои ја покриваат целата Црвена Планета, објави вчера државната Кинеска национална вселенска агенција – КНВА.

Меѓупланетарната мисија, чие име послободно преведено значи – „потрага по небесната вистина“, беше лансирана во 2020 година и слета на Марс минатиот мај, кога роверот „Журонг“ тргна во „патролирање“ и истражување. „Тјанвен-1“ се состои од шест дела – орбитер, две подвижни камери, приземјувач, далечинска камера и самиот ровер, кој е првиот на Народна Република Кина што некогаш слетал на друга планета.

Целите на вселенската мисија се повеќекратни – проучување на топографијата, геологијата на подрачјето, мразот, минералите, карпите, атмосферата… Во соопштението на КНВА се наведува дека сондата досега ги завршила сите задачи што ѝ биле доделени, вклучително и правење слики со средна резолуција што ја прикажуваат целата планета.

Сликите објавени на интернет го покажуваат нерамниот терен на пејзажот на Марс – правливи црвени дини, вулкани, кратери од судирите со помали вселенски тела, ледената покривка на Јужниот Пол и карпите и гребените на кањонот Валес Маринерис – еден од најголемите во нашиот Сончев Систем.

Сондата собра 1.040 гигабајти научни податоци, кои потоа беа обработени од научниците на Земјата и предадени на истражувачки тимови за натамошно проучување, соопшти КНВА.

Агенцијата споделува информации за летот на орбитерот и со американската НАСА и Европската вселенска агенција – ЕСА.

Извор: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука