X
 12.06.2020 Наша тема

ДАЛИ ЗНАЕТЕ: Кое е најстарото основно училиште во Македонија?

Во оваа рубрика ви презентираме интересни податоци за Македонија

Формирањето на првото основно училиште во Македонија претставува значаен настан во културната историја за народот. Точно 188 години постои најстарото училиште во земјава, кое било изградено во Скопје. Станува збор за училиштето „Свети Кирил и Методиј“ во Oпштина Центар. 

Школото е формирано во далечната 1836 година. Формирањето на ова школо го означува макотрпното опстојување на македонскиот народ во борбата за одгледување и зачувување на својата самостојност и за развојот на сопствена македонска писменост и култура, пишува на интернет-страницата на скопското училиште. 




Во 30-тите години на 19 век во дворот на тогашната новоизградена црква „Св. Богородица“ било отворено првото училиште во Скопје, кое било ќелијно. Прв и главен учител бил Павле Хорват, хиландарски монах од дебарскиот манастир. Со отворањето на училиштето првпат децата на скопјаните можеле да учат на својот мајчин македонски јазик. Започнала борбата на Македонија против ширењето на грчкиот јазик и просвета.

Училиштето го добило името на светите солунски браќа на 11 мај 1858 г. кога е одржана првата прослава во нивна чест. Во 1848 година по покана на градските прваци во Скопје доаѓа познатиот преродбеник и просветител Јордан Хаџи Константинов-Џинот. Тој го отвора првото световно училиште со настава на македонски јазик. Неговото доаѓање означува пресвртница за просветно-културниот и националниот живот во Скопје. Тој ги разделил учениците по одделенија, вовел клупи и современи наставни средства (заемни таблици, песочница, географска карта, глобус и др.)

Првата училишна зграда била во употреба сѐ до 1903 година, кога на истото место била изградена нова во која ќе се изведува настава сѐ до катастрофалниот земјотрес во 1963 година. По ослободувањето на Скопје, на 13 ноември 1944 година, училиштето продолжило со работа. 475 ученици првпат ја следеле наставата на македонски литературен јазик. Следната 1945/46 година основан е пионерскиот одред „Христијан Тодоровски-Карпош“, а почнува да работи и училишната кујна.

Во учебната 1948/49 година кон ОУ„ Св. Кирил и Методиј“ се присоединува ОУ „Рајко Жинзифов“. На 24 јули 1962 година кон ОУ „Св. Кирил и Методиј“ било присоединето и „Цветан Димов“. Бројот на учениците се зголемил на 1.300, распоредени во 37 паралелки од прво до осмо одделение. На 26 јули 1963 година се случува катастрофалниот земјотрес во Скопје, кој коренито изменил многу работи. Многу жители го напуштиле градот и се населиле во новите градски населби, што резултирало со намалување на бројот на учениците во следната 1964 година на 541.

На 28 декември 1964 година на местото на старата зграда урната во земјотресот почнува да работи новата со 24 училници во кои учеле само ученици од 5. до 8. одделение. Во 1970 година, поради целосно менување на урбанистичкиот план во овој дел на градот и изградба на Народната и универзитетска библиотека, урната е и фискултурната сала, проблем кој во 2019 година беше решен со изградба на спортска сала.

Во учебната 1973-74 година училиштето го менува своето име во Кирил и Методиј губејќи го зборот „свети“ за повторно да го врати на 19 мај 1993 година. 

Третиот период од постоењето на училиштето се карактеризира со голем број промени во начинот на неговото функционирање. Со распадот на СФРЈ доаѓа и до промена на името, па така од 1993 година на свечената седница се пререгистрира во „Свети Кирил и Методиј“-Скопје. Во рамките на училиштето работи и училишната библиотека, формирана уште во времето на Џинот. Училиштето е опремено и со училишна кујна, во која се подготвуваат оброци за учениците од целодневна настава и ужини за учениците од предметната настава. Таа е формирана во 1970 година.


Училиштето доби спортска сала во 2019 година


Во средината на XX век, поточно во 1963 година, училишната зграда била разурната во земјотресот, но следната година, 1964 год., изградено е ново училиште од тврда градбa. 

Денес училиштето е современо, а од 2013/2014 година е воведено и меѓународно образование. Денес училиштето има 455 ученици.

Подготвил: С.Ѓ.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема