X
 03.07.2020 Наша тема

ДАЛИ ЗНАЕТЕ: Која е првата актерка во Македонија?

Во оваа рубрика ви претставуваме интересни податоци за Македонија


Поголемите македонски професионални театри постојат по седум децении - Македонскиот народен театар (1945), Народниот театар во Битола (1944), Драмскиот театар (1945). Но, не почнало сè со нив. До моментот додека да дојде до нивна институционализација, требало да се изоди долг пат. Не се отвориле академиите и факултетите затоа што на некој така едноставно му текнало. Како и во сите дејности, така и во театарската, прво требало да се развие љубов кон сцената, или театарскиот аматеризам.


Почетоците на театарската дејност датираат во Велес



Која претстава се смета за прво театарско остварување на македонска почва, во услови какви што времето дозволувало? 


Првата јавна театарска претстава во Македонија се случила пред 146 години! И за овој релевантен театрографски податок, македонската театарска историја, треба да му се заблагодариме на градот Велес, пишува проф. д-р Јелена Лужина во енциклопедијата „Театарот на македонската почва“.


Некои историски индиции посочуваат дека почетоците на театарската дејност во Велес, најверојатно, треба да се врзуваат со името на учителот Јордан Хаџи Константинов-Џинот и дека треба да бидат датирани меѓу 1864 и 1866 година. Според запишаните сведоштва на неговите тогашни ученици, во училиштето во Прцорек тие ја одиграле неговата драматизација на народната приказна „Мечката и селаните“.


Во текот на следната деценија, како дел од активноста на Друштвото за народна просвета „Искра“, театарската дружина составена претежно од локални учители ја изведува првата јавна претстава во Велес - „Пропаднат трговец или смртна жртва“. Театарската историја го евидентира и датумот на оваа премиера: 24 декември 1874 година, како и имињата на нејзините иницијатори: Никола Живков и Филип Симидов.


- Датата е од исклучително големо значење бидејќи точно ја фиксира првата јавна театарска претстава одиграна на македонска почва, поточно - прва театарска претстава што ги надраснува тесните училишни рамки, прва (да речеме) театарска продукција која функционира општествено, за целиот град и исклучиво заради неговото естетско задоволство - пишува Лужина.


Велешки театар некогаш




Една година подоцна, 1875, на велешката театарска сцена ќе излезе и првата актерка - учителката Тенка А. Коларова, протагонистка во популарната мелодрама „Многустрадалната Геновева“. Макар што локалниот весник остро ја критикува нејзината смелост „јавно да се покажува“ (дотогаш женските улоги ги толкувале исклучиво мажи!), првата македонска актерка ќе продолжи со голем успех да го толкува ликот на Геновева.


- Не само на отпатниот Балкан, туку и на најелитните театарски дестинации во Европа, во текот на 18 и на 19 век пиесите од типот на „Многустрадалната Геновева“ фигурираат како хит-претстави без конкуренција. Самата „Геновева“ лесно се пронаоѓа во репертоарите на апсолутно сите балкански и европски театри - дури и на Гете не му пречело да ја игра во Вајмар. Во македонскиот случај токму со изведбата на „Геновева“ почнува и официјалната театарска историја. 


Во македонскиот пример, меѓутоа, таа стартува со еден вистински скандал, достоен за париските или лондонските булевари.

Учителката Коларова се покажала многу добро во претставата и затоа имала сериозни проблеми.


- Локалниот весник силно ќе се острви на оваа прва македонска артистка за која знаеме, забележувајќи ѝ дека не си ја гледа честа колку што би требало. Демек, на една чесна мома навистина не ѝ личело јавно да се покажува, па уште „на театро“! Тенка А. Коларова, изгледа, не се согласувала со своите критичари-моралисти. Оваа храбра девојка продолжила („со голем успех“, бездруго!) да ја толкува својата мелодрамска хероина и во наредната театарска сезона. За да исчезне, потоа, од македонската театарска сцена и историја - засекогаш! – пишува професорката Лужина во театарската енциклопедија.


Геновева, мелодрамска мадона осудена на вечното чекање, кревка и смерна (и апсолутно верна, се разбира!), кога мажот ѝ заскитал во некоја света војна, за да се одбрани од цели сурии мажи-натрапници, решава да избега в гори зелени, далеку-џенем. И да продолжи таму да живее - другарувајќи само со добри, пожртвувани, чесни и честити животни, кои ќе ја прифатат и ќе ја гледаат како најсвоја. Сè додека на мажот-витез, најпосле, не му текне да се прибере дома, по едно десет-петнаесет години скитање, пишува проф. Лужина. 

Подготвил: С.Ѓ.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема