Упатените велат дека Попова Шапка е само дел од поширока област Рудока, која има фантастични скијачки терени за најмалку седум скијачки центри и капацитет да прими 100 илјади скијачи
Пред стотина години Орестие Крстиќ студирал во Франција и научил да скија. Во 1926 бил градоначалник на Тетово и началник на шумската управа. На тетовци им ја пренел страста за скијање и ги мотивирал да отворат планинарски клубови. Меѓу двете светски војни се отвориле дваесетина спортски клубови, а еден од нив е скијачкиот клуб „Љуботен“ (денес планинарски клуб), кој лани одбележа 90 години од основањето.
Крстиќ во 1926 година со повеќе авантуристи и вљубеници во скијањето се спуштил со скии од врвот Љуботен до селата Рогачево и Старо Село. Ова се смета за почеток на скијањето во Македонија.
По Втората светска војна, во 1947 година се одржал првиот Шарпланински куп, а го организирал Македонскиот планинарско-скијачки сојуз. На државното првенство на Попова Шапка биле поканети Унгарци, Романци и Бугари. На женската трка победила Вида Катник, а на машката - Петер Силко од Унгарија. Во екипен натпревар победила екипата на Југославија пред Романија, Бугарија и Унгарија.
Шарпланинскиот куп се одржувал без прекин десет години. По една деценија, продолжил во 1967 година. Со прескокнувања преку една или две години, некогаш и година за година, продолжил да се одржува сè до 2013 година.
Фото: Wikipedia
Во 1947 година на Попова Шапка почнала изградбата на првата ски-скокалница К30, единствена во Македонија. Била свечено пуштена на 10 февруари 1948 година, а деловите за изградба биле носени на коњи од селото Јелак. Камената кула за ски-скокалницата имала 4 ката и денес може да се види кај ски-лифтот „Мал Јелак“. Познавачите на зимските спортови во Македонија велат дека во тоа време ски-скокачите немале специјална опрема - користеле и скокале со дрвени скии, па често се здобивале со повреди. Ски-скокањето било популарно во тоа време, доаѓале многу натпреварувачи. Во 1951 година таму се одржал и Југословенски куп во ски-скокови. Рекордот на оваа скокалница го држат двајца Југословени - Александар Стојановски и Јанез Горишек, кои скокнале 31 метар. Бидејќи не била одржувана, станала ризична за употреба. Ски-скокалницата престанала да се користи на крајот од 1951 година.
Попова Шапка била атракција и гордост на тетовци и на народот во цела Македонија. Жичницата со гондоли била препознатливо обележје на Тетово. Била долга 7 километри и во тоа време била најдолгата на Балканот и една од најдолгите жичници во Европа. Од Тетово до Попова Шапка се патувало 40 минути. Денес не е во употреба.
Попова Шапка / Фото: Wikipedia
Постари граѓани од тетовскиот крај и денес се сеќаваат на златните времиња на Попова Шапка, на скијањето и подемот на овој скијачки центар. За жал, од тие времиња до денес
речиси ништо не е вложено во скијачкиот центар. Премиерот Зоран Заев минатиот месец најави дека Попова Шапка е една од локациите што ќе се нудат на продажба.
Упатените велат дека Попова Шапка е само дел од поширока област Рудока, која има фантастични скијачки терени за најмалку седум скијачки центри и капацитет да прими 100 илјади скијачи.