X
 11.10.2020 Наша тема

Дали знаете: Како почна востанието на 11 октомври 1941 година?

На денот на нападот немало загинати македонски партизани, повеќето од учесниците ја преживеале војната и подоцна, по ослободувањето, извршувале значајни функции

Македонија денеска се потсетува на почетокот на борбата за ослободување на македонскиот народ од окупаторската чизма на нацистичка Германија. Но, во какви услови се случиле првите напади на партизанските одреди, кои го означуваат почетокот на Народноослободителната борба во Македонија?

Историчарите велат дека иако денес 11 Октомври се одбележува како Ден на востанието на Македонија, во времето кога се случувале овие настани околностите биле многу поинакви и „вриеле“ подолго време. Имало многу причини да се случи 11 Октомври. Кралството Југославија, во чии рамки била денешна Македонија, во април 1941 година било нападнато од силите на Оската. Оваа војна траела само шест дена, а Кралството Југославија капитулирало. Македонија повторно претрпела поделба меѓу соседите, народот бил подложен на нова асимилација, денационализација, терор, грабеж и сл. Во тие околности, Комунистичката партија на Југославија, односно Покраинскиот комитет (ПК) за Македонија на терен организирал воена обука и биле извршени неколку диверзантски акции. На 22 август 1941 година бил формиран Првиот скопски партизански одред, а во почетокот на октомври и Прилепскиот и Кумановскиот партизански одред.

Бугарската полициска станица во Прилеп. Од монографијата „НОБ на Македонија“

Според проф. д-р Марјан Иваноски, историчар во Одделението за НОВ и најнова историја при Институтот за национална историја, како почеток на македонското востание се зема 11 октомври 1941 година, денот кога Прилепскиот партизански одред, составен од 16 борци, во Прилеп извршил напад врз бугарската полициска станица, затворот и биле прекинати телефонско-телеграфските врски и електричната инсталација. Тоа бил првиот посериозен судир-организиран напад врз окупаторски институции.

Веќе следниот ден бил формиран Кумановскиот партизански одред, кој извршил неколку акции во Кумановско: одржал митинг во селото М’гленце, извршил напад во манастирот „Св. Прохор Пчински“. Тогаш припадниците на бугарската окупаторска полиција се повлекле, а во селото Молотино на 17 октомври во судир со бугарската окупаторска војска, по неколкучасовна битка, одредот бил разбиен. И покрај краткиот успех, македонските борци им најавиле на окупаторските сили долготрајна борба сѐ до конечно ослободување на македонскиот народ.


Првоборците од Прилепскиот партизански одред: Мице Козар и Трајко Бошковски-Тарцан. Од монографијата „НОБ на Македонија“

Прилепскиот партизански одред броел вкупно 37 борци. Во нападот, меѓу другите, учествувале Мице Козар, Крсте Црвенковски, Благоја Корубин, Коле Чашуле, Душко Наумоски и др. Иваноски објаснува дека тоа биле млади луѓе, повеќето од нив во своите рани дваесетти години, а имало и помлади. Дел од нив, поради новонастанатата политичка состојба, морале и да ги прекинат студиите. Задоени со слободарски идеи и преголема љубов кон Македонија, свесно зеле оружје в рака со единствена цел - реализирање на идеалот на македонскиот народ за сопствена држава. Сите биле членови на Комунистичката партија или на нејзината младинска организација зашто Комунистичката партија била единствена политичка структура што се залагала за национална и социјална рамноправност на македонскиот народ во рамките на Југославија.

На денот на нападот немало загинати македонски партизани, повеќето од учесниците ја преживеале војната и подоцна, по ослободувањето, извршувале значајни функции, како Крсте Црвенковски и Коле Чашуле, а дел од нив, како Мице Козар, Пецо Даскало, Киро Ќососки и други, не дочекале да ги видат плодовите на нивната борба.

Целото интервју со проф. Иваноски прочитајте го ТУКА.
Подготвил: В.И.И.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема