X
 12.06.2020 Наука

Реконструирано лицето на жена што живеела пред 7.500 години

Развојот на технологијата помага во напредокот на науката на сите полиња. Со помош на технологијата сега може да видиме како изгледала жена што живеела пред речиси 7.500 години.

Археолозите откриле гроб со човечки остатоци на Гибралтар во 1996 г. При деталната анализа тие знаеле дека гробот е многу стар, но черепот, иако оштетен, станал дел од збирката на Гибралтарскиот национален музеј, пренесува „Нешнл џиографик“.

Гибралтар е познат по многубројните пронајдени остатоци од древни народи. Гробот на жената наречена Калпија бил пронајден во пештера на европската точка, што е најјужен дел од полуостровот. Периодот од кој потекнува черепот бил мистерија многу години, сè до 2019, кога резултати од ДНК-анализа покажале дека тој ѝ припаѓа на жена што живеела пред 7.500 години.



Кога гробот бил откриен, не можеле да се извлечат многу информации од остатоците, но ДНК-анализата напредувала многу во периодот што следувал и научниците успеале да извадат примерок на ДНК од черепот. Анализата покажала дека гените на оваа жена припаѓаат на народи што живееле многу поисточно од Пиринејскиот Полуостров. Било забележано присуство на гени од земји од другата страна на Медитеранот, а тоа им дало траги на научниците за тоа како патувале древните луѓе.

Тим од Гибралтарскиот национален музеј работел на форензичка и анатомска реконструкција на нејзиното лице со помош на податоците. Им биле потребни шест месеци да ја „оживеат“ жената, која ја нарекле Калпија според старото име на Гибралтар - Монс Калпе.



Резултатите од ДНК-анализата покажале и дека жената имала ситна градба, светла кожа и темна коса и темни очи. Анализата покажала и дека таа била нетолерантна на лактоза, што било вообичаено за луѓето од тој период. Жената живеела во доцниот неолит, кога земјоделството и сточарството се ширеле на полуостровот, заменувајќи го претходниот модел на ловење. Нетолеранцијата на лактоза покажува дека правењето млеко не било дел од нејзината култура. Според анализата, таа имала помеѓу 25 и 40 години кога починала.

Кога станува збор за нејзиното потекло, само 10% од нејзиниот геном потекнуваат од население што живеело на Пиринејскиот Полуостров, додека останатите 90% потекнуваат од Анадолија (денешна Турција). Тоа зборува дека веројатно таа или нејзините блиски предци патувале од Анадолија до Гибралтар по морски пат. Доколку тие патувале по копнен пат, генот на Калпија би бил поразновиден.

Автор: Мануел Џон
Извор: nationalgeographic.rs
Фото: Instagram
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука