X
 12.04.2019 Наука

Имаме нов член во фамилијата: хомо лузоненсис

Фамилијарното дрво на човекот доби уште една гранка по откопувањето на претходно непознат вид човек кој живеел на остров во составот на денешни Филипини пред околу 50.000 години.

Видот е наречен хомо лузоненсис по островот Лузон, каде што се пронајдени остатоците, и не е директен претходник на современиот човек, туку далечен антички роднина.

Откритието беше објавено во списанието „Нејчр“ и е уште еден дел од доказите дека еволуцијата на човекот не е толку линиска како што се мислеше. Исто така, откритието поттикнува многу прашања, вклучително и тоа како овој вид човек пристигнал на островот и кои биле неговите претходници.

Истражувачите од Франција, Филипините и од Австралија ги пронашле остатоците во пештерата Калао, каде што во 2007 година беше пронајдена коска стара 67.000 години. На почетокот не беше јасно од кој вид човек е коската, но неодамна истражувачите открија седум заба и пет различни коски на местото, стари меѓу 50.000 и 67.000 години.

Со повеќе докази за испитување, од најмалку три лица, тие можеле да утврдат дека остатоците се од претходно непознат вид човек.

- Веднаш ги увидовме невообичаените карактеристики на овие фосили. Ги комплетиравме споредбите и анализите и беше потврдено дека ова е нешто специјално, за разлика од сите претходно опишани видови - истакна Флорен Детруа, ководач на студијата.

Поточно, забите што ги пронашле имале изненадувачка комбинација на елементи од различни антички луѓе.

- Тоа е мешавина која ја немаме видено кај други видови и тоа ни кажа дека ова не кореспондира со она што го знаеме денес, па опишавме нов вид - рече Детруа.

Фото: Yahoo News

Откритието наметнува многу прашања, вклучително и како хомо лузоненсис стасал до островот. Истражувачите исто така сè уште не се сигурни кој од постарите човекови претходници откриени преку фосилните остатоци во Африка е предок на хомо лузоненсис.

Долго време теориите за еволуцијата се вртеа околу идејата дека видот хомо еректус почнал да се раштркува од Африка пред околу 1,5 до 2 милиона години. Според таа теорија, другите антички луѓе останале во Африка, а на крајот изумреле. Но, теоријата беше предизвикана од откритијата во текот на последните години на видови кои изгледа не се потомци на хомо еректус.

Пронаоѓањето на хомо лузоненсис е уште еден доказ кој води кон тоа дека хомо еректус можеби и не бил единствениот вид што се рашетал низ светот.

Коската на стапалото на хомо лузоненсис не е слична на ниеден познат современик, но многу е слична со оние на вид за кој се знае дека живеел во Африка околу 2 или 3 милиони години порано.

Лузоненсис исто така има свиткани коски на прстите на нозете и на рацете, што сугерира дека искачувањето можеби било важен дел од неговото однесување - нешто што повеќе се поврзува со многу постари видови. Детруа истакна дека засега истражувачите веруваат дека лузоненсис најверојатно одел исправено. Остатоците сугерираат и дека видот бил со низок раст, можеби околу 120 сантиметри.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука