X
 12.07.2019 Живот

До 2050 година Лондон ќе има клима слична на Барселона

За три децении Лондон ќе има слична клима на онаа што ја има Барселона денес, покажува истражување, а промената може да биде проследена со голема суша.

Мадрид ќе се чувствува како денешен Маракеш до 2050 година, а Стокхолм како Будимпешта, се вели во извештајот за можните влијанија од климатската криза. Градовите што моментално се во умерена или ладна зона во северната хемисфера ќе личат како да се 1.000 километри поблиску до екваторот, со штетни ефекти врз здравјето и инфраструктурата.

Истражувањето покажува дека Москва ќе личи на Софија, Сиетл на Сан Франциско, а Њујорк на Вирџинија Бич. Истражувачите создадоа интерактивна мапа со стотици градови и нивните двојници во 2050 година.

Недостигот на вода ќе влијае врз голем број градови со умерени климатски услови како резултат на глобалното затоплување, што се предвидува да биде за 3,5 степени повисоко во европските градови во лето и 4,7 степени во зима.

Речиси 8 од 10 града ќе доживеат драматични промени, според истражувањето спроведено на 520 поголеми градови.

Барселона беше погодена од екстремна суша пред повеќе од 10 години, загрозувајќи многу жители и резултирајќи со десетици милиони евра потрошени за увоз на вода за пиење. Поголема е веројатноста дека во иднина Лондон и градовите со слична географска широчина ќе ги доживеат истите проблеми, велат истражувачите.

Меѓу најважните заклучоци е дека жителите од околу петтина од градовите на глобално ниво - вклучувајќи ги Џакарта, Сингапур, Јангон и Куала Лумпур, ќе имаат услови што во моментов не се гледаат во поголемите градови во светот.

- Ова се услови што не се доживуваат насекаде на планетата. Тоа значи дека ќе има нови политички предизвици, нови инфраструктурни предизвици со кои претходно не сме се соочиле - вели Том Кроутер, основач на лабораторијата „Кроутер“ во Швајцарија, која го спроведе истражувањето.

Врнежите од дожд ќе бидат посебен проблем за ваквите градови, при што екстремните поплави стануваат почести заедно со почестите и тешките суши.

- Апсолутно не сме подготвени за тоа. Планирањето за климатските промени требаше да почне вчера. Колку побрзо ќе почне, толку ќе има помало влијание - вели Краутер.

- Тешко е да се знае дали луѓето ќе можат да се приспособат и да останат во овие градови или, пак, ќе одлучат да се преселат на друго место - вели Ричард Бејтс, професор за влијанијата на климата на Универзитетот „Ексетер“.

Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот