Се бараат волонтери за да се развијат подобри вакцини, за првото медицинско испитување во светот во кое е дозволено намерно изложување на коронавирусот.
Истражувањето на Универзитетот во Оксфорд беше лансирано минатиот април, по три месеци откако Британија стана првата земја што одобри тестирање на коронавирусот врз луѓе.
Првата фаза од истражувањето, која сè уште е во тек, се фокусира на откривање на количината на вирусот потребна за да предизвика инфекција, додека втората ќе има цел да го одреди имунолошкиот одговор потребен за да се спречи инфекцијата.
Научниците се блиску до утврдување на најслабата можна инфекција со вирусот, што гарантира дека околу половина од луѓето изложени на него ќе добијат асимптоматски или благ ковид.
Тие потоа планираат да ги изложат доброволците - сите претходно природно инфицирани или вакцинирани - на таа доза од оригиналната варијанта на вирусот за да одредат кои нивоа на антитела или имунолошки Т-клетки се потребни за да се спречи инфекцијата.
- Тоа е имунолошки одговор што треба да се зајакне со новата вакцина - рече Хелен Мекшејн, професорка на Универзитетот „Оксфорд“ и водач на студијата.
Наодите од истражувањето ќе помогнат да се направи идниот развој на вакцините многу побрз и поефективен, се вели во соопштението.
Имунолозите низ светот се обидуваат точно да го одредат нивото на имунолошки одговор што вакцината мора да го предизвика за да се заштити од болести. Откако ќе се открие ова ниво, потребата за масовно тестирање на вакцините се намалува.
Научниците со децении користеа човечки студии за да развијат третмани против многу заразни болести, но ова е првото познато истражување за ковид-19.
Негативната страна на истражувањето е ризикот врз здравјето на волонтерите кои ќе се заразат со коронавирус, но „Оксфорд“ ги презема сите мерки на претпазливост. Испитаниците мора да бидат здрави и на возраст меѓу 18 и 30 години. Тие ќе бидат во карантин најмалку 17 дена, а оние што ќе пројават симптоми ќе го добијат лекот „регенерон“.
Фото: Freepik