X
 24.11.2017 Култура

Русите гневни - руски тинејџер предизвикал скандал во Германија

1
Фото: Deutscher Bundestag

Најважната вест на месецот за државната телевизија „Росија 1“ пристигнала од Берлин. Веста не се однесува на прекинувањето на коалиционите преговори во Германија, туку станува збор за „вистински меѓународен скандал“ предизвикан од момче од Русија.

Шеснаесетгодишниот Николај Дезјатниченко од Сибир бил видно нервозен кога во неделата требало да зборува на комеморацијата по повод Ден на жалоста во Бундестагот. Пред него во првиот ред седеле германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер и многу членови од владата. Вкупно шест ученици, по тројца од Германија и од Русија, го претставиле заедничкиот проект на партнерските училишта од Касел и Нова Уренгоја. Тие се занимавале со судбината на воените заробеници во двете држави.

Дезјатниченко зборувал околу две и пол минути за војникот Вермахт, кој бил заробен во Сталинград и подоцна починал во еден логор. Судбината на Германците и работата на проектот допреле до ова момче, и додало дека посетил и германски воени гробишта, посета што го растажила. „Видов гробови на невини луѓе што го изгубија животот, а меѓу нив имало и луѓе што сакале да живеат мирно, а не да водат војна“.

Оваа реченица во Русија предизвика лавина критики откако еден Русин што живее во Германија објавил снимка од говорот.

Овој случај наскоро добил политичка и правна димензија. Пратеничка во локалниот парламент побара од државното обвинителство да провери да не станува збор за релативизирање на нацистичките злосторства. Градската администрација во Нова Урнегоја од своја страна најави дека ќе го провери предметот во гимназијата на Дезјатничников. Мајката на ученикот преку руските медиуми објави писмо за објаснување во кое пишува дека нејзиниот син, поради недостиг на време, морал да го скрати говорот, во кој првично сакал да пишува за неговиот дедо, кој бил воен ветеран; неговата главна порака била мир за целиот свет. Гимназијата застана на страната на ученикот и соопшти дека станува збор за недоразбирање во комуникацијата, бидејќи говорот бил скратен.

Бидејќи постоеше закана дека дебатата ќе излезе од контрола, Кремљ го кажа својот став: „Сметаме дека грешно го обвинувате ученикот за лоши намери, па дури и за нацистичка пропаганда“, изјави Дмитриј Песков, портпарол на претседателот Владимир Путин. Тој додал дека целиот случај не е вреден за Кремљ да реагира.

Оној што сака да ја разбере заднината на реакцијата не може да ги заобиколи најновите случувања во Русија. Големата патриотска војна, како што во советско време се нарекува војната на Советскиот Сојуз против нацистичка Германија, во денешна Русија е дел од културните сеќавања на државата - и во училиштата стана централен дел на патриотското воспитување: „Темата за војната, историското сеќавање на војната, онака како што официјално се претставува е многу важна во Путиновата Русија“, вели радионовинарот и блогер Александар Пљушчев.

„Ме загрижува што на генерацијата која расте ѝ се наметнува псевдохуманизам, така што незабележливо се брише границата помеѓу доброто и злото, помеѓу сторителот и жртвата“, вели Сергеј Миронов, шеф на пратеничката група на левичарската партија Праведна Русија.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура