X
 12.09.2024 Живот

Тврдината Мамула: Како ужасен концентрационен логор за мачење стана ексклузивен хотел со пет ѕвезди?

Тврдината Мамула од 19 век, која се наоѓа на островот Ластавица на влезот во Которскиот Залив во Црна Гора, била концентрационен логор на фашистичка Италија во Втората светска војна и имало повеќе од 2.000 затвореници, главно жени и деца. Подоцна логорот бил претворен во луксузен хотел-остров „Остров Мамула“, кој почнал да прима туристи од април 2023 година. Хотелот е со 5 ѕвезди, има 6 соби, 6 апартмани, холистички спа-центар, базен, соба за масажа, спортски сали, патеки за трчање, ресторани, барови, но и посебно место резервирано за историско-меморијална галерија која нуди поглед на богатата и застрашувачка историја на овој локалитет.

И тврдината и островот се заштитени со минимални интервенции и внимателен пристап, додека сите додадени елементи можат лесно да се отстранат, враќајќи ја зградата во првобитната состојба. Сепак, апсолутниот недостиг на водоснабдување и електрична енергија, новата функција на хотелот, како и стандардите на модерниот живот и хотелиерството наметнаа задолжително спроведување на нови елементи.

Тие елементи се сведени на минимум, но и понатаму се присутни. Новите елементи се јасно претставени во просторот со користење современи материјали и форми.

Ужасната историја на Мамула

За време на Втората светска војна, Мамула бил концентрационен логор на фашистичка Италија. Тука биле затворени повеќе од 2.000 луѓе, главно жени и деца. Логорот бил затворен по капитулацијата на Италија, на 14 септември 1943 година.

- Таму се случиле сериозни мачења, а првите затвореници во логорот биле деца и жени. Тие биле донесени од Побор кај Будва - раскажува Александар Рељиќ, новинар и автор на документарецот „Мамула ол инклузив“.

Тој вели дека со филмот сакал да покаже во каков свет живееме, дека денес парите бришат сѐ пред себе, па дури и таквите историски, грозоморни моменти, злосторства, а го бришат и сеќавањето на жртвите - нешто што е направено токму со претворањето на овој остров во хотел. Тој вели дека за време на снимањето на филмот, кое започнало во септември 2017 година, се промениле и островот и луѓето.

- Цело време ја следев трансформацијата на Мамула, не само изгледот на островот, туку и свеста на луѓето, кои на почетокот беа против изградба на хотел, а потоа почнаа да ги менуваат ставовите. Се шокирав кога една поранешна затвореничка ми рече дека е добро што некој зел метла за да мете таму, алудирајќи на запоставеноста на островот - вели Рељиќ.

1
Фото: Wikipedia

Протести од меѓународната заедница

Поради намерата на црногорските власти на овој начин да ја валоризираат Мамула, реагираше и дел од меѓународната заедница.

Тогашниот генерален секретар на Обединетите нации, Бан Ки-мун, во 2015 година испрати писмо до тогашниот претседател на Парламентот на Црна Гора, Ранко Кривокапиќ.

- Изненадени сме што единственото решение за зачувување и користење на тврдината е едноставен деловен аранжман и договор за приватизација - се наведува во писмото, кое го потпишаа и Федерико Мајо, поранешен генерален директор на УНЕСКО, и други истакнати меѓународни личности.

Тврдината била изградена во средината на 19 век за потребите на австроунгарската војска од страна на генералот Лазар Мамула, по кого и го добила името, но според достапните податоци, не била користена за воени цели.

За време на Првата светска војна, Мамула била затвор, а законски е заштитена како културно-историски споменик од втора категорија.

Извор: Vreme.com
Фото: Mamulaisland.com
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот