Астронаутите Метју Доминик и Дон Петит се добро познати по своите фотографски вештини и честопати прават неверојатни фотографии од Меѓународната вселенска станица.
Во текот на последните неколку дена тие ја следеа кометата Цучиншан-АТЛАС, откриена на почетокот од минатата година, за која се мислеше дека орбитира околу Сонцето на секои 80.000 години.
Кон крајот на септември кометата ја имаше најблиската средба со Сонцето, а на 13 октомври се очекува да помине покрај Земјата. Токму ова им овозможи на Доминик и Петит да направат неверојатни фотографии од неа.
Со оглед на тоа што кометата сè уште не беше видлива со око, Доминик и Петит се потпреле на математиката и орбиталната геометрија за да сфатат каде да ги насочат своите камери. На 29 септември Доминик сподели неколку воодушевувачки фотографии од издигнувањето на кометата над хоризонтот.
Фото: NASA
- Неверојатно е кометата да се види од орбитата. Перспективата е навистина уникатна од наша гледна точка. Опашката на кометата е темна и не може да се види со голо око, но таа се движи кон Сонцето и станува сè посветла секој ден - напиша Петит на неговиот инстаграм-профил.
Овие фотографии биле овозможени од аматер-астроном, кој му кажал на Доминик дека кометата ќе биде приближно 20 степени пред Сонцето од перспектива на Меѓународната вселенска станица.
Кометата ќе продолжи да се движи кон Сонцето пред да исчезне и повторно да се појави на небото на северната хемисфера на 12 октомври.
Фото: NASA