Фотографија споделена на „Imgur“, една од најголемите интернет заедници за споделување фотографии и гифови, совршено ја доловува тешката страна на депресијата за која луѓето не секогаш се свесни.
Депресијата може да влијае врз луѓето на многу различни начини, а еден од корисниците на овој сервис совршено прикажа колку тешки се секојдневните активности на една депресивна личност.
На едната фотографија се гледа соба полна со празни пластични шишиња, облека и хартија - нередот во собата полека се влошува како што личноста се бори со депресијата.
„Страдам од тешка депресија и имам потешкотии со чистењето и другите работи низ дома. Мојата соба е во толкав неред веќе неколку месеци бидејќи не можам да се натерам себеси да ја исчистам. Но овој петок конечно одлучив да го направам тоа!“, пишува корисникот кој ја постира фотографијата.
Три дена подоцна, истиот корисник постира фотографија прикажувајќи ја својата соба откако се убедил себеси да направи некаква промена.
„Знам дека не е голема победа, но за мене значи многу бидејќи можам да ја отворам вратата ако луѓето сакаат да дојдат. Се чувствувам мирно“, додава тој.