Стен Ли, човекот кој ги создаде највлијателните современи херои на денешницата, како Спајдермен, Ајронмен и Фантастичната четворка, почина во Лос Анџелес на 95-годишна возраст. Причината за смртта сè уште не е позната.
Стен Ли беше уредник и издавач на „Марвел комикс“, а неговите дела го направија реален суперхерој за љубителите на стриповите низ целиот свет.
Ли започна со работа во далечната 1939 година и беше автор и коавтор на Блек Пантер, Спајдермен, Иксмен, Тор, Фантастичната четворка, Хулк, Дардевил и многу други ликови. Соработувал со уметници како Џек Кирби, Стив Дитко и многу други. Себеси си обезбеди успех создавајќи херојски ликови со кои можеме сите да се поистоветуваме, наместо типични, безгрешни и совршени личности.
Фото: Тхе Мичо
Речиси сите негови херои го пронашле патот до профитабилни филмови, серии, видеоигри, играчки и разни видови предмети. Тие се основа на „Марвел ентертенјмент“, што сега е мултимедијална компанија во која „Марвел комикс“ е само еден аспект од бизнисот.
Ли бил горд на неговиот однос со обожавателите, одговарајќи на илјадници писма со својот уникатен стил и потпишувајќи ги со познатата фраза „Excelsior!“ Тој го создал таканаречениот Марвел-метод на пишување стрипови, со кој на колегите им проследувал основен синопсис на приказната, наместо да им обезбеди целосно сценарио. Ова значи дека други стрип-автори обработувале поголем дел од креативната работа, додека Ли честопати си ги преземал заслугите.
Џек Кирби бил особено лут на овој метод. Во 1971 година тој создал лик врз основа на насоките на Ли и го нарекол Фанки Флашмен - тој бил негативец кој ги експлоатирал другите луѓе, убедувајќи ги креативно да придонесат.
Откако го напуштил „Марвел“, тој останал во очите на јавноста поради успехот на филмовите на „Марвел“, во кои е наведен како извршен продуцент, а честопати и бил дел од самите филмови.
Огромното влијание на Стен Ли врз историјата на „деветтата уметност“ од него создаде икона позната во сите делови од светот, но исто така во голема мера благодарение на брилијантноста на неговата личност, интелект и топлина во неговата смисла за хумор. Тој инспирирал цела генерација на стрип-автори да го земат пенкалото в рака и да ја започнат нивната кариера.