X
 12.11.2018 Наша тема

Салих Мусиќ: На Балканот имаме многу добри бизнис-идеи, ама ретко решаваме да ги реализираме

Еднаш прашав еден од учесниците на почетокот на програмата дали има бизнис-план за тоа што планира да го работи? Тој праша дали е тоа документот што го бара банката? Значи бизнис-план се перципира како документ кој треба да ѝ се даде на банката за да се добие кредит, а не како план кој ќе ви помогне да го направите својот бизнис успешен


Сите мали бизниси на Балканот се без претходни подготовки, како ад хок решенија. Ретко решаваме да ја реализираме идејата и никогаш не ја насочуваме енергијата за да го направиме тоа како што треба, вели Салих Мусиќ од „Рестарт“ од Босна и Херцеговина. Тој деновиве е во Скопје и присуствуваше на финалето на Регионалниот бизнис-натпревар, поддржан од Фондот на Западен Балкан (Western Balkans Fund) како дел од Самитот Македонија2025. Фондот е основан за да се финансираат мали и средни проекти од областа на образованието, одржливиот развој и човековите права во земјите од Западен Балкан. Партнер-организации се: Македонија2025, Канадско-српската бизнис-асоцијација CANSEE и „Рестарт“ од Босна и Херцеговина.
- Тоа што го прави Македонија2025 за Македонија, го прави „Рестарт“ за Босна и Херцеговина. Ние сме организација која се создаде со здружување на повратниците од дијаспората, кои се вратија во БиХ и почнаа свои бизниси - вели Мусиќ.

Салих Мусиќ

Објаснете ни како се роди идејата за регионален бизнис-натпревар?

- Пред три години се запознав со Македонија2025. Случајно бев на македонскиот Лидер-проект кој Македонија2025 го организира секоја година во мај. Можев да видам како помина таа програма и сфатив дека е навистина корисна. Нашата организација „Рестарт“, благодарение на контактот со Македонија2025, аплицира да ја донесеме истата програма во БиХ. И тоа се случи следната година. Претходно се случи со српската организација CANSEЕ. Покрај овој натпревар, кој стана регионален, сега имаме и регионална програма која се реализира во три земји - Македонија, БиХ и во Србија. Сите учесници што ќе ги поминат овие проекти и финално ќе ги презентираат своите бизнис-планови во трите држави имаат шанса потоа да одат на оваа регионална тура. Прво учество на конференција и натпреварување во Белград, па во Сараево и на крај во финале, кое овој пат се случи во Македонија. Финалистите се натпреваруваат, на крај победникот добива награда, како сега. Има двајца победници, од Македонија и од Србија, бидејќи беа блиску со бодовите. Но, важно е да се истакне дека сите учесници добија многу бидејќи ги поминаа сите три круга.

Која е целта на натпреварот?

- Некој што досега немал влијание во бизнис-опкружувањето со вакви натпревари и програми ќе го изостри својот начин како да комуницира со вистинските инвеститори. На крај, наградата е битна. Многу поважно е што добиваат сите учесници поминувајќи го сиот тој процес, на кој начин созреваат додека го прават своите планови. Ова е еден вид подготовка, вежба кога ќе се појават пред вистинските инвеститори кои ќе бидат прилично остри со прашањата.

Од отворањето на годинашниот Самит Македонија2025

Колку учесници беа пријавени годинава?

- Во целата регионална програма имаше вкупно девет учесници кои беа локални победници. Во сите останати земји повеќе луѓе се едуцираа низ оваа програма. Секоја година просечно имавме по 40 пријавени, на крај триесетина ја завршија финалната програма. Во Македонија беше поголем бројот, на крај меѓу 100 и 150 учесници ја поминаа. Се одржува секогаш во ист период, тоа е теориска подготовка пред натпреварот и навистина е многу корисна.

Има ли добри бизнис-идеи во регионот?

- Јас веќе 17 години имам бизнис. На Балканот имаме генерален проблем - сите имаме многу идеи и многу можности да ги реализираме, но никогаш не се решаваме да го направиме тој чекор. И никогаш не ја насочуваме енергијата за да го направиме тоа како што треба. А сите бизниси што се случиле, се реализирале по еден ад хок принцип, имало малку подготовки. Најчесто почнале како семеен бизнис, па по малку го граделе. Се разбира, не зборувам за големите корпорации, туку за помали претпријатија. Затоа сите овие три програми што се одржуваат и посебно и заедно се добар чекор за сите луѓе. Еднаш прашав еден од учесниците на почетокот на програмата дали има бизнис-план за тоа што планира да го работи? Тој праша дали е тоа документот што го бара банката? Значи бизнис-план се перципира како документ што треба да ѝ се даде на банката за да се добие кредит, а не како план кој ќе ви помогне да го направите својот бизнис успешен. Планираме да правиме и други програми, кои ќе се фокусираат повеќе на менторирање на целокупниот процес во текот на целата година. Целта на сево ова е луѓето сериозно да се позанимаваат и да се поврзат вистински инвеститори, кои на крај ќе им дадат повисока димензија на проектите и ќе ги пласираат малку поинтернационално.

Салих Мусиќ: Младите претприемачи годинава понудија интересни бизнис-идеи

Околу кои дејности најмногу се вртат новите идеи за бизнис-планови?

- Сите се различни. Многу интересно е што на натпреварот имаше широк спектар на проекти. Имаше проект за воспоставување адвокатска канцеларија која освен за профит, работи и за интереси на народот - во смисла да работи и на случаи на луѓе кои немаат пари да бидат застапувани во различни судења, па во такви случаи адвокатот се поставува како негов заштитник пред законот. Од областа на земјоделството имаше проект за фертилизација на земјиштето и растење на билките, а тоа да биде органски произведено. Имавме и технички проекти - апликации за подобрување на локален туризам, или извоз на органска храна во регионот. Беше прилично шаренолико, од ИТ до идеи од реалниот сектор, кои подразбираат секојдневни активности преку кои функционира една земја. Обично тоа што можеме да го видиме на овие натпревари се идеи главно фокусирани на ИТ-стартапи, на нови иновативни технологии итн. Имавме еден посебен проект во Србија, победнички, кој се вика CookUp Hub - единствено место за сите мали произведувачи на храна и ресторани кои можат да изнајмат простор и комплетна инфраструктура. Во тој хабус може за исклучително мали трошоци да ја произведуваат својата храна, а истовремено има и други луѓе што ќе им помогнат во работите за кои сами не се способни. Обично имаме домаќинки или готвачи кои не се баш најдобри кога се во прашање сметководство или финансии. Нашите победници осмислиле проект и имаат пазар за тоа.
Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема