X
 12.11.2020 Наша тема

Инженерите од ФИНКИ за националната платформа за онлајн-настава: „Секој ден работиме и постојано има изненадувања“

Чекајќи кориснички имиња и лозинки, малкумина се запрашаа кој работи во заднина, понекогаш вложувајќи натчовечки напори да се постигнат неверојатни резултати

Додека јавноста и некои медиуми на почетокот од октомври пренесуваа: „Ви падна платформата! Што правевте цело лето? Ние следиме настава на Тимс, не ви работи платформата!“, 6-7 луѓе деноноќно работеа, често до разденување, се обидуваа да создадат комплексен систем преку кој учениците во Македонија ќе можат да се образоваат од дома, во време на пандемија на Ковид-19, но и генерално понатаму. Чекајќи кориснички имиња и лозинки, малкумина се запрашаа кој работи во заднина, понекогаш вложувајќи натчовечки напори да се постигнат неверојатни резултати. Иако се горди на успехот, скромно велат дека ова ќе беше невозможно без помошта од многу луѓе, кои посредно или непосредно помагаа во создавањето на националната платформа за настава од далечина. Разговараме со дел од малиот тим инженери од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), кои детално објаснуваат како се создаваше националната платформа.

Зошто ФИНКИ?

Според проф. д-р Иван Чорбев, декан на ФИНКИ, кај нив одамна постоела идејата за национална образовна платформа. Тие веќе го имаат искуство со такви платформи на ФИНКИ и УКИМ и сакале благодатите од тие концепти да бидат достапни за целата држава.

- Впрочем, и ние сме родители и имаме деца вклучени во нашиот образовен систем. Знаејќи од нашето искуство како подобро, поефикасно и поорганизирано може да се организира образовниот процес со достапните технологии, сакавме да придонесеме кон осовременување на образованието кај нас. Идејата отсекогаш беше ваква платформа да се користи долгорочно, не само во време на пандемијата. Пандемијата само создаде атмосфера на потреба за нашите идеи да добијат можност за реализација. Во Министерството за образование и наука на чело со министерката Мила Царовска ги разбраа нашите идеи и ни дадоа можност да ги реализираме плановите - објаснува Чорбев.

Проф. д-р Иван Чорбев

Тргнале од оваа замисла: учениците да имаат организиран и едноставен пристап до сите структурирани материјали за учење, како и екстракуркуларни активности, комуникацијата на релација наставник-ученици-родители да биде јасно организирана и секогаш достапна заедно со информации и документи за споредните логистички активности (распореди, плаќања, екскурзии), родителот да има увид што се учи во моментот на училиште, кои се материјалите за учење, кои се дополнителни наставни материјали, дали неговото дете има домашна, дали ја направило и предало, дали има повратна информација од наставникот, дали детето воопшто ги пишува домашните, дали било на тестови или отсуствувало од часови. Да може на платформата да се прават тестови и евалуации, да се прикачуваат домашни работи и проекти во дадени рокови, да се изведуваат ад хок консултации и колаборации...
- Сево ова, и повеќе, платформата ќе го овозможи, но исклучиво ако постојано задолжително се користи. Таа ќе биде достапна 24/7, 365 дена во годината, во секое време да се обратите за потсетување за некоја информација. Бенефициите би биле огромни за сите чинители во системот. Тимот од компјутерскиот центар на ФИНКИ, воден од проф. д-р Боро Јакимовски, продекан за наука и соработка, беше спремен на голем напор за да направи квантен чекор напред кон осовременување на образованието кај нас со долгорочни позитивни ефекти - вели Чорбев.

Што е точно фамозната платформа, „Мудл“, „Тимс“...

Се работи за комплексен систем од многу самостојни делови кои треба да се усогласат и да се најде хармонија во комуникацијата помеѓу сите, објаснува Јакимовски. Иницијалните главни компоненти се постојните системи што МОН ги има развиено пред десетина години и постепено континуирано ги надградува. Пред сè, основа е системот ЕСАРУ, каде што се наоѓаат податоците за сите наставни програми, ученици и наставници. Тој систем е континуирано полнет со податоци од страна на сите училишта, кои имаат обврска да ги внесат податоците. Тука внесуваат податоци и Бирото за развој на образованието и Центарот за стручно образование, кои имаат обврска да ги внесуваат наставните планови и програми.

Проф. д-р Боро Јакимовски

- Оттука започнува нашата платформа. На почеток стои систем кој ги презема и обработува податоците од ЕСАРУ, каде што тие се подготвуваат за понатамошно пренесување во платформата и во системите на „Мајкрософт“. Податоците за предметите, доделените наставници и за ученици се пренесуваат во наша верзија на најпопуларниот систем за менаџирање со учењето со отворен код: „Мудл“, чија функција е да овозможи организација на наставата во паралелки и соодветно да им овозможи на наставниците и учениците да поставуваат домашни, тестови, материјали, форуми за дискусија, навремено организирано информирање итн. Процесот на поврзување на овие два система е доста комплексен и обременет со грешки кои се наоѓаат во податоците повлечени од ЕСАРУ. Споениот систем ЕСАРУ-Мудл потоа дополнително ги пренесува сите податоци кон делот за онлајн-настава, односно „Мајкрософт тимс“ - објаснува Јакимовски.

Зошто е толку сложено да се пренесат податоците од еден во друг систем?

М-р Кирил Ќироски е систем-инженер, советник во одделението за ИКТ на ФИНКИ. Тој објаснува како по чекори се преземаат податоците. На пример, треба да се креира предмет Математика за 6-г одделение во некое конкретно училиште и на истиот да се додадат соодветниот наставник и сите ученици од конкретното одделение. Податоците за предметот и корисниците со кои тој е поврзан се повлекуваат од ЕСАРУ и се поставуваат во платформата.

- Клучен проблем беше што се боревме со (без) податоци. Многу време е потрошено и сè уште се троши на неквалитетни податоци во електронскиот систем ЕСАРУ. Податоците со години се несоодветно ажурирани од разни оправдани или неоправдани причини. Секојдневно се појавуваат десетина нови ученици или наставници - објаснува Ќироски.

Владислав Бидиков, систем-инженер, советник во одделението за ИКТ на ФИНКИ, вели дека е проблем што ученици или наставници воопшто ги нема во системот, односно никогаш не се внесени.
- Тоа се случувало наназад 2-3 години, бидејќи нема систем преку кој би се контролирало дали училиштата точно и коректно ги внесуваат податоците. Тука треба да има систем за контрола на квалитетот на внесените податоци и проверка на ажурноста при внес. Секако, треба и полесен кориснички интерфејс во ЕСАРУ за полесна и поефикасна работа. Често податоците се внесуваат, ама нецелосно и тоа нам ни прави проблем. Има различни ситуации – постојат ученици и класови, нема наставник. Или има наставник и предмет, нема ученици - објаснува Бидиков.

Пред три недели се појавила нова ситуација - во некои училишта наместо да ги внесат паралелките поединечно (на пример 3-а, 3-б, 3-в), сите се внесени како 3. одделение.

- Тоа кај нас прави дупликат податоци и го збунува системот. Истото го сфативме при комуникација со националните обучувачи кои се многу инволвирани во целиот процес и се контакт меѓу нас и училиштата. Сево ова е последица што во изминатите години не се вложувало во обуки за ЕСАРУ. Дополнително и самиот систем ЕСАРУ треба да има подобрен кориснички интерфејс кој нема да дозволи внес на неконзистентни или дупли податоци, а од друга страна ќе овозможи лесно, ефикасно и интуитивно работење со него. Овие пропусти треба соодветно да бидат надминати. Огромен дел од времето трошиме на вакви проблеми кои не се поврзани со технички работи - вели Јакимовски.

Инженерите се соочувале со секакви ситуации - наставници кои предаваат во повеќе од едно училиште, дали во сите училишта правилно се поврзани предметите. Ваквите грешки често го збунуваат системот. Имплементиран е посебен систем кој го решава групирањето на предметите кои се изборни или специфичните училишта (уметничко, музичко итн.).
- Имаме ситуации кога професорите го менуваат името на тимот, па излегуваат дополнителни компликации. Секој ден работиме и постојано се случуваат изненадувања - вели Бидиков.

Каде е „Мајкрософт тимс“ во целата приказна

Ќироски објаснува дека компанијата „Мајкрософт“ го понудила продуктот „Тимс“ за бесплатна употреба во образовниот процес поради кризата со коронавирус.

М-р Кирил Ќироски

- Информациите за сите корисници што имаат свои кориснички имиња и лозинки ги правиме од платформата во „Мајкрософт“ преку друга алатка, со која досега импортиравме околу 260.000 ученици, околу 28.000 наставници, како и 475 основни и средни училишта. Сите компоненти на системот мора да се интегрираат на неколку нивоа бидејќи по креирањето, корисниците се преземаат од „Мајкрософт“ и се враќаат во платформата, од каде што за потребите на онлајн-наставата, повторно преку националната платформа во „Мајкрософт тимс“ се креираат групи/тимови. За разлика од други слични образовни платформи, ние успеавме да оптимизираме синхронизацијата на корисници да трае 24 часа и да се прави еднаш неделно, наспроти еднаш семестрално, на пример. Процесот е доста сложен - објаснува Ќироски.

Најголем дел од корисниците директно го користат „Тимс“, само за телеконференциската настава затоа што така е поедноставно.

- На тој начин, пристапот до онлајн-настава побарува помалку кликови. Но, сепак „Тимс“ претставува интегрален дел од платформата и е само една нејзина компонента - објаснува Јакимовски.
Секој корисник на платформата има по еден кориснички профил. Дали ќе смени училиште, нема разлика. Така е осмислен системот, затоа што има ученици кои учат во две училишта (основно и музичко училиште), или пак еден наставник предава во неколку различни училишта. Секој има единствена корисничка сметка.

Каде се хостира платформата


Целиот комплексен систем е поставен на постоен хардвер, најголем дел од ФИНКИ и дел од МОН (со кој повторно управува ФИНКИ), а се наоѓа во компјутерскиот центар на факултетот.
- Преструктуриравме „стар“ суперкомпјутер што се користеше за научни потреби и го пренаменивме за образовни потреби. Искористени се големи компјутерски ресурси кои вклучуваат апликативни сервери и серверски системи каде што се складираат документите и податоците. Има простор за подобрување и надградби, особено за да се овозможат дополнителни функционалности и поголем простор за складирање. За тоа ни е потребна и дополнителна поддршка од државата - вели Јакимовски.

Кој сè работеше на воспоставувањето

Во создавањето на платформата се вклучени експертите од Компјутерскиот центар на ФИНКИ. Претставници од МОН се вклучени во организацискиот дел на проектот, а помогнале и при креирање помошни апликации. Од една страна, технички се воспоставувал системот и се интегрирале компонентите. Од друга страна пак, неопходен бил превод соодветен на образовната возраст, како и на сите јазици на кои се врши настава во основно и средно образование, да се организира изготвување на материјали, обуки, да се изберат и координираат национални обучувачи. Националниот координатор за платформата во МОН и неговиот тим ги организирале активностите и презеле голем логистички организациски товар.

- Состојбата од терен ја добиваме прво преку националните обучувачи – триесетина луѓе кои многу помогнаа и сè уште безрезервно помагаат во школите секогаш и секаде кога има потреба. Секако, има шампиони-наставници кои сакаат ова да се случува, се трудат да помогнат и во школото каде што предаваат и во другите училишта. Во периодите кога интензивно се тестираше и имаше тешкотии, ни пристапија и компании и поединци кои беа спремни со часови и часови да ни даваат поддршка и да помогнат за какви било технички предизвици. Ни ги ставија на располагање сите ресурси. Претежно беа од Македонија, но имаше и компании и институции од странство. Помогнаа преку добра пракса и метрика да го усогласиме овој огромен и комплексен систем, во кој чистотата на податоците е клучна за сè да функционира од технички аспект - вели Бидиков.

Владислав Бидиков

Покрај основната платформа, неопходно било да се изгради и цел комплет дополнителни системи за полесно да се менаџира целиот процес.
- Еден од тие системи е наменет за лесна дистрибуција, промена и корекција на лозинки или на податоци, а помага токму во овој случај. Сфативме дека 25% од вкупните корисници (и помеѓу наставниците и учениците) ја забораваат лозинката. Ние сепак бараме лозинката да биде комплексна (голема/мала буква, број/знак), да не биде нешто ултра едноставно. Човечки и сосема нормално е да ја заборават, го очекувавме тоа – вели Бидиков.

Во канализирањето на овие информации добиле голема поддршка од школските администратори во Министерството за администрација и информатичко општество.
- Воведовме „хелп деск“ систем кој не само што ги канализира сите овие работи преку е-пошта, туку и ни овозможува лесно да ги обележиме (тагираме) и да анализираме каде е проблемот. Така дознавме дека 1/3 од тикетите во тој систем се поврзани со неточна состојба на наставниците и учениците во ЕСАРУ. Ученикот бил запишан во едно училиште, променил училиште, не бил ажуриран, податоците му се погрешни. Некогаш едноставно е заменето полето со име и презиме. Тоа се случило во внесувањето на податоците - објаснува Бидиков.

Како ќе продолжи да функционира платформата

Ќироски вели дека тие се подготвени да обезбедат поддршка и во наредните години и децении ако треба.
- Одржливоста и имплементација на вакви проекти е примарна, а ФИНКИ е тука да го поддржи истото. Истовремено, сакаме современите методи во наставата да им ги приближиме на сите ученици. Од друга страна, да ги тргнеме тефтерите со белешки на наставниците. Наместо тоа – еве ви ги белешките, користете ги следната година, подобрете ги, надградете ги. Наставниците можат да си разменуваат материјали меѓу себе, да одржуваат семинари, да се допишуваат, договараат, да соработуваат... Идејата е така да напредува целото образование - вели Ќироски.
Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема