X
 12.12.2018 Образование

Европскиот парламент: Неопходна е промена на образовниот систем во дигиталната ера

Автоматизацијата, роботизацијата и дигитализацијата ќе влијаат врз професиите во иднина и без промена на образовниот систем и доквалификација граѓаните нема да бидат компетентни за новите работни места, предупредуваат европратениците во резолуцијата усвоена во вторникот на пленарната седница на Европскиот парламент.

Потребата за побрза адаптација на образовниот систем во дигиталната ера беше поддржана од 535 пратеници, против беа 58, а 13 воздржани.

За време на расправата за образованието во дигиталната ера: предизвици, можности и лекции за креирање политики на ЕУ, новинарката Јана Том оцени дека образовниот систем не е подготвен за предизвиците што претстојат.

- Нашите деца и внуци ќе се најдат во епицентарот на еволуцијата. Нивното ниво на дигитални вештини ќе влијае врз иднината на Европа - изјави таа.

образование
Фото: Getty Images


Според неа, неопходно е да се опремат училиштата, да се обезбеди широкопојасен интернет низ Европската Унија и да им се овозможи на наставниците да работат во дигиталното опкружување.

Како модел за оценување на усвоените дигитални вештини Том го предложи развивањето на моделот ПИСА. Смета дека со тоа би се обезбедил увид во образовните методи во земјите-членки на ЕУ и би се создале можности за размена на најдобри практики.

ПИСА е меѓународна програма за истражување и проверка на знаењето и вештини за читање, математички вештини и наука кај петнаесетгодишните ученици под покровителство на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД).

Комесарот Тибор Наврачич верува дека во срцето на дигиталната трансформација мора да бидат наставниците и забележува дека иако образовниот систем во земјите-членки се разликува, сите се соочуваат со слични предизвици.

Потребно е да се направи стратегија на ниво на ЕУ

Предизвиците што ги наброја Наврачич се како да се обезбеди развој на дигиталните вештини, на кој начин да се користи дигиталната технологија во наставата и учењето и како да се подобрат образовните системи низ анализа на податоци. Според неговото мислење, потребно е да се направи стратегија на ниво на ЕУ.

Во рамките на ЕУ веќе функционира иницијатива од помал обем како Европски неделни програмирања, Коалиција за дигитална вештина и работни места и иницијативи за медиумска писменост.

Некои од мерките се намалување на разликите во поврзаноста меѓу земјите-членки на ЕУ, воведување програмирање во сите европски училишта, спроведување кампањи за промоција на безбедноста на интернет, сајбер-хигиена и медиумска писменост и поддршка за натамошно намалување на родовиот јаз во технолошкиот и претприемачкиот сектор.

Во прилог на трансформацијата на образованието и обуката, треба на сите луѓе од различна возраст да им се обезбеди дополнителна обука и преквалификација.

- Брзиот развој на технологијата има непосредно влијание врз секојдневниот живот - вели грчкиот независен застапник Јоргос Епитидеиос.

- Граѓаните што немаат пристап до дигиталното образование се изложени на ризик од негрижа. Дигиталното образование мора да биде достапно за сите што е можно поскоро - изјави британската пратеничка Џули Ворд.

Романскиот пратеник Ксаба Согор проблемот го гледа во големите разлики меѓу земјите-членки и порачува дека без промена на пристапот и поголемо вложување во образованието, нема да се намали социјалниот јаз.

- Во некои земји во образованието се вложува под 4 отсто од БДП, а во нордиските земји 7 или 8 отсто. Само 3,1 отсто издвојува Романија - вели Согор.

Според податоците на Евростат за 2017 година, образованието на ниво на ЕУ изнесува 4,9 отсто од БДП. На врвот на ранг-листата за образование е Данска со 7 отсто од БДП, а потоа следуваат Шведска, Белгија, Естонија, Финска, Латвија и Португалија.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование