Комисијата за наука и меѓународна соработка на УКЛО, чиј претседател е проректорот за наука, проф. д-р Игор Неделковски, одржа онлајн-седница во согласност со новите ковид-прилики, со што УКЛО активно се вклучи во одбележување на 10 Ноември - Светскиoт ден на науката.
Иако УКЛО нема соодветни научни единици кои фундаментално се занимаваат со научни сознанија за Ковид-19, во услови на новонастанатите состојби со пандемијата, научната дејност на УКЛО не беше „ставена на пауза“ или „во мирување“, рече проректорот Неделковски. Во таа смисла, Комисијата за наука и во новите ковид-услови овозможи афирмација и популаризација на науката на УКЛО што се остваруваше во други дејности и насоки, имајќи ја предвид секогаш важната и потребна релација и врска меѓу науката и заедницата и општеството во целина.
По тој повод, а во рамките на одбележувањето, посебно место на настанот имаа излагањата на професорите од УКЛО: Марија Србиноска од Институтот за тутун – Прилеп, Иванка Нестороска од Факултетот за туризам и угостителство – Охрид и доц. д-р Рената Петревска-Нечкоска од Економски факултет – Прилеп. Со нивните презентации тие се вклучија во одбележувањето на значајниот настан и ја промовираа важноста на науката и научните достигнувања, со нагласената улога на информатичко-комуникациските технологии и интернетот кои го менуваат начинот на комуницирање на сите полиња и во науката.
Проф. д-р Марија Србиноска констатира: „Цитираноста на некој истражувач, бројот на објавени трудови во списанија со импакт-фактор, индексираноста на научните списанија во кои се објавени трудовите и слично, треба се земат предвид при процена на научната ефектива и да им се даде соодветно значење, со особена внимателност кон различни дисциплини и научни полиња. Она што е важно е дека во светот најчесто на универзитетите или научните институции им се остава сами да утврдат критериуми за научен квалитет на своите истражувачи. Тоа е во духот на трката по знаење, квалитет и рејтинг на секој универзитет одделно. Високиот поединечен рејтинг на наставно-научниот кадар носи и повисок рејтинг на Универзитетот. Тоа заедно овозможува поголем интерес од страна на студентите, постдипломците и докторандите за студирање на одреден универзитет.“
Професорката Иванка Нестороска од Факултетот за туризам и угостителство – Охрид се осврна кон научните согледувања од Проектот УЧЕЊЕ2030 во функција на новите образовни промени. Имено, проектот УЧЕЊЕ2030 во кој еден од носечките партнери е УКЛО, од страна на ЕУ е оценет како „пример на добра пракса“, а негов проектен координатор беше проф. д-р Иванка Несторовска. Проектот го подготвува наставниот кадар во високото образование за нова улога во 2030, во согласност со предвидените промени што треба да се случат во образованието, меѓу кои и зголемените потреби за индивидуално учење на студентите.
Професорката Рената Петревска-Нечкоска од Економскиот факултет – Прилеп низ колаж од материјали во презентацијата се осврна кон два главни моменти: Академијата како дистинктивна сила и придонесот кој може да го имаат професорите, научниците, истражувачите во адресирање на светските проблеми и нивно решавање. Таа го посочи и искуството од EUvsVirus како проектен менаџер за институциите од академија и истражување & развој во насока на градење мостови на соработка чекор по чекор: Тандеми на магистранди од УКЛО & УГент Белгија, трасиран пат за заеднички осврт на магистерски предизвици од различни аспекти на студенти од двата, институциите на двете држави, и домените на примена на научните сознанија.
Во рамките на одбележување потенцирана е потребата и нужноста од видливоста на научниците и нивните публикации, нивно објавување во индексираните бази на податоци, креирање профили на мрежите за научници, биографија на веб-страниците на институциите во кои работат, како и профили на останатите општествени мрежи.
Проректорот за наука, проф. д-р Игор Неделковски, потсетува дека УКЛО овој настан со посебни, тематски активности почна да го одбележува од минатата година и во таа насока е воспоставен потребниот континуитет, при што со посебен респект се афирмираат и презентираат достигнувањата на академски кадри од УКЛО, кои меѓу две одбележувања на настанот постигнале високи и значајни научни достигнувања, со што УКЛО недвосмислено и соодветно ја промовира и афирмира науката и научните достигнувања и резултатите што се значајни за заедниците во целина.
Како што е познато, Светскиот ден на науката укажува на важната улога на науката во општеството и потребата од вклучување на пошироката јавност во дискусии и дебати за значајни проблеми од областа на науката. Поврзувајќи ги науката и општеството, Светскиот ден на науката ја нагласува улогата на научните работници во ширењето и разбирањето на светот и овозможува создавање подобри можности за живот и градење поквалитетни општества.
(Комерцијална објава)