X
 12.12.2022 Наша тема

Отсекогаш сакав да бидам професор, вели Виктор Стојкоски, награден со признанието „Успешни млади“ во областа на општествените науки

Сметам дека кај нас, иако не е најидеално, постои можност да се развива фундаментална наука. Меѓутоа, за да се случи тоа, неопходен е слух од државата и помош од македонските научници во странство кои сакаат да го споделат своето искуство за тоа како функционира научниот систем, смета Виктор Стојкоски

За мене, наградата најдобар млад научник во општествени науки е од посебно значење не само поради тоа што е прва научна награда што ја добивам туку и ја гледам како признание за квалитетот на проектите од кои бев дел во 2021 година. Особено како млад научник кој има желба да создава фундаментална наука од нашата држава, а знаеме дека тоа не е наједноставно, вели Виктор Стојкоски, кој неодамна го доби признанието „Успешни млади“. Наградата, која му ја додели претседателот Стево Пендаровски, се доделува како поттик на научноистражувачката мисла и уметничката работа на младите во нашата држава, а Виктор е награден за најдобар млад научник во општествени науки за минатата година.

Виктор лани доби покана за едногодишен престој во Центарот за колективно учење во Франција воден од Цезар Хидалго, професорот кој го вовел концептот на економска комплексност. Можностите што се нудат во Центарот за развој на еден млад научник, според Виктор, се неспоредливи со речиси ниедно друго место во светот. Сепак, неговата цел е наскоро да се врати на асистентската позиција на Економскиот факултет во Скопје.

- Сметам дека кај нас, иако не е најидеално, постои можност да се развива фундаментална наука. Меѓутоа, за да се случи тоа, неопходен е слух од државата и помош од македонските научници во странство кои сакаат да го споделат своето искуство за тоа како функционира научниот систем.  Оттука, на краток рок, планот ми е да ги довршам вторите докторски студии. На долг рок, пак, планот ми е да пробам да му се приклучам на тимот кој помага за развој на системот за фундаментална наука од Македонија - додава Виктор.

 

Во втора година средно сфатил дека лесно се снаоѓа со математички проблеми

Откако во втора година во средното училиште СУГС „Никола Карев“ сфатил дека лесно се снаоѓа со математиката, Виктор развил голема љубов кон оваа наука и бил домаќин на сите математички сеанси што се правеле надвор од часовите со неговите соученици, каде што тој го делел своето напредно знаење со неговите врсници. Оттука почнала да се негува и неговата желба еден ден да стане професор.

- Во втора година средно со татко ми направивме пинг-понг маса и тоа ни стана нова главна атракција со друштвото и честа замена за фудбал. Истовремено, сфатив дека лесно се снаоѓам со математички проблеми и почнав да читам и да учам напредни математички методи на своја желба. Искрено, литературата ми беше премногу интересна и уште тогаш знаев дека ќе продолжам да се занимавам со математика. Набрзо потоа и моите пријатели сфатија дека лесно ми оди математиката и почнавме да се собираме кај мене да учиме пред или по часовите. За жал, пинг-понг масата многу често ни го оттргнуваше вниманието - се присетува Виктор.

Првично сакал да студира на ПМФ, но татко му го разубедил за финансиски менаџмент

По голема дебата со татко му, Виктор се одлучил за студии на Економскиот факултет во Скопје, иако неговата првична одлука била да оди на ПМФ на наставна математика. Меѓутоа, татко му тврдел дека во тоа време, односно 2011 година, финансискиот менаџмент е една од најатрактивните насоки. Тие заедно ја разгледале наставната програма и забележале дека има доста изборни предмети со математичка тема, што го привлекло Виктор.  

- Ме привлече идејата за користење математички методи во економија и поради тоа решив да се запишам на финансиски менаџмент. Речиси секогаш положував преку колоквиуми и тоа ми овозможи да имам многу слободно време. Слободното време, пак, го искористив за да ги развијам моите научни и наставни вештини. Од трета година на факултет станав демонстратор по предметите Математика и Статистика. Во истиот период започнав и со пракса во Истражувачкиот центар за компјутерски науки при Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ). Тимот што го запознав во МАНУ дефинитивно ја има најголемата улога во мојата научна траекторија до денес - додава Виктор.

 

По дипломирањето работел како помлад истражувач во МАНУ

Откако дипломирал во 2015 година, праксата во МАНУ за Виктор се претворила во работна позиција како помлад истражувач. Во истиот период тој се запишал и на магистерски студии по Статистика на Економскиот факултет. Прво, тој сакал да ја продолжи соработката што ја имал со професорите од Економскиот факултет, особено со проф. Драган Тевдовски, а второ, и многу поважно, менторот во МАНУ, акад. Љупчо Коцарев, го запознал со една релативно нова научна дисциплина наречена економска комплексност.

- Дисциплината претставува мултидисциплинарен пристап кој спојува техники од компјутерски науки и физика за да одговори на прашања за економскиот развој. Почнавме да ги користиме овие техники и набрзо сфатив дека се способни да дадат едноставен одговор за голем број проблеми поврзани со економски развој. Оттука, природно ми дојде да ја поврзам темата која ја истражувавме со магистерската, каде што конкретно ја искористивме економската комплексност за да го откриеме потенцијалот за економски раст на услужните дејности во Југоисточна Европа. Резултатите што ги постигнавме на оваа тема беа забележани и од човекот кој го измисли концептот на економска комплексност,  проф. Цезар Хидалго  - вели Виктор.

Го спрема и вториот докторат, овој пат по економија

Откако магистрирал, Виктор решил да направи промена во наредниот чекор на неговите студии и се запишал на докторски студии на ФИНКИ во 2017 година. За време на докторските студии неговите истражувања малку смениле насока, меѓутоа, ја имале истата цел: користење мултидисциплинарни техники за одговарање на економски прашања.

- Имено, за време на докторатот истражував како структурите кои се создаваат како резултат на нашите социјални мрежи (пријатели, работни контакти и слично) влијаат врз создавањето економска нееднаквост и мобилност. На оваа тема докторирав во 2020 година. Веднаш потоа се запишав и на вториот докторат, сега по економија, и се надевам дека ќе успеам да го завршам наредната година. Во првите две години од докторатот продолжив со работата во МАНУ. Во 2020 година, пак, ми се даде можност да бидам асистент на Економскиот факултет во Скопје. Оваа можност веднаш ја прифатив бидејќи ме доближува до тоа што секогаш сакав да го работам, а тоа е да бидам професор - раскажува Виктор.

Наградата „Успешни млади“  е резултат од соработката со над 20 соработници

Виктор посочува дека наградата „Успешни млади“ е резултат од соработка со над 20 соработници кои имаат различни вештини и заднини. Дел од колегите со кои работел изминатата година се економисти од Економскиот факултет во Скопје, физичари од МАНУ, компјутерски научници од ФИНКИ и експерти за јавни политики од здружението ЗМАИ. Заедно применувале мултидисциплинарни техники.

- За жал, многу често и насекаде низ светот, примената на овие техники доаѓа до отпор од страна на научници тренирани во една дисциплина. Поради ова, наградата ја гледам и како огромна афирмација од страна на нашата држава за мултидисциплинарните пристапи во општествените науки. Заедно со соработниците од Економски факултет, во 2021 година ги искористивме овие техники за да истражиме дали постојат некои фактори кои придонесуваат во разликите на бројот на заразени, починати и вакцинирани од ковид-19. Успеавме да создадеме емпириски модели кои се способни да ги откријат причинско-последичните врски и ги објавивме резултатите во реномирани списанија. Со резултатите успеавме да откриеме дека различната стапка на смртност од ковид-пандемијата најчесто се должи на разликите во бројот на лица со прекумерна тежина во државите - објаснува Виктор.

 Фото: приватна архива

Подготвил: Никола Петровски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема