Седуммина млади кои постигнале извонредни резултати во 2021 година денеска го добија признанието „Успешни млади“ што го доделува Претседателот на Република Северна Македонија како поттик на научноистражувачката мисла и уметничката работа на младите во нашата држава.
Признанието им се доделува на млади до 35 години. Годинава аплицирале 45 кандидати во седум од осум категории. Не е доделено признание само за млад иноватор зашто немало апликација. Посебна Комисија ги избрала седумтемина добитници, а признанијата денеска им ги врачи претседателот на државата Стево Пендаровски.
Виктор Стојкоски е награден за најдобар млад научник во општествени науки во минатата година. Тој е вклучен во глобалната научна дебата за актуелни економски прашања, вклучително и за влијанието и ефектите од пандемијата. Во категоријата хуманистички науки, признание за најдобар млад научник му беше доделено на поетот и есеист Иван Антоновски, кој понуди свеж поглед врз книжевното наследство на Блаже Конески и Горан Стефановски.
Андреј Ристески е најдобар млад научник во природно-математички и технички науки. Се занимава со машинското учење и вештачката интелигенција, со посебен фокус на т.н. длабоко учење и невронските мрежи. Гордана Георгиева доби признание за најдобар млад научник во медицинските науки. Таа е специјалист и автор на голем број трудови од областа на пластичната и реконструктивна хирургија.
На Нина Костовска ѝ беше доделено признание за постигнат особен успех и за афирмација на инклузијата, затоа што низ личен пример покажува дека попреченоста не е пречка за успехот и ги урива стереотипите во македонското општество. За најдобра млада уметница признание доби актерката Наталија Теодосиева, која со својот ангажман ја освојува публиката и доби повеќе награди на театарски и филмски фестивали во земјава и во странство.
Во категоријата „Млад талент“, во која конкурираат само ученици од средните училишта, признанието му беше доделено на Алексиј Тасиќ кој освои голем број златни и сребрени медали и признанија на државни и меѓународни натпревари и олимпијади по математика, физика и хемија.
Иако не е средношколец, во оваа категорија беше награден и Македон Димитровски, со што е направен исклучок во правилата за доделување на признанието. Комисијата одлучила да го награди овој најмлад добитник на признанието поради неговите натпросечно развиени академски вештини и меморија за што има добиено бројни награди.
Претседателот Пендаровски во обраќањето истакна дека овие млади луѓе се дел од креативното малцинство кое има потенцијал да направи значајни пробиви во своите области.
-Нивните биографии, трудови, референтни признанија, како и уметнички и општествени ангажмани сведочат дека секој од нив се фатил во костец со некои од големите прашања на науката, технологијата, уметноста и воопшто, општествениот развој. Тие не само што не се плашат да поставуваат тешки прашања, туку имаат доволно храброст, доблест и знаење, да предлагаат решенија низ сосема нови перспективи. А со тоа да придонесуваат и за севкупниот развој на својата земја, рече шефот на државата.
Овие успешни млади луѓе, додаде претседателот, се позитивен пример за нивните врсници, но и за генерациите што допрва доаѓаат. Нивниот пат до успехот, како што рече, не е ни малку лесен, бидејќи бара време и посветеност во континуитет.
Пендаровски порача дека институциите не смеат да си дозволат „да испуштат од рака вакви ретки таленти“ и дека државата мора да им овозможи „еднакви можности на сите да напредуваат, и да ги препознава и наградува најуспешните меѓу нив“.
-Токму тоа е главната цел на признанието „Успешни млади“ – да ја поттикне научната, истражувачката и креативната работа на младите. Но, со ова признание сакаме да постигнеме уште нешто, не помалку вредно – да го намалиме иселувањето на младите, образовани луѓе. Еден од нашите најголеми предизвици е незавидната состојба во која со децении се наоѓа образованието и науката во
Северна Македонија. Честите реформи на образованието и минималните вложувања во истражувањето и развојот резултираа со ниски резултати на многу евалуации во меѓународни рамки. Никогаш нема да дознаеме колку надарени ученици и студенти биле испуштени или превидени од нашиот образовен систем, или, колку млади образовани луѓе имаат заминато во развиени земји каде што нивниот талент и труд се единствен критериум за личен успех и кариерно напредување, нагласи Пендаровски.
Порака за поголема грижа од државата за младите таленти и поголемо издвојување за науката упати и д-р Трајче Стафилов, претседател на Комисијата која ги избра добитниците на признанието „Успешни млади“ за 2021 година.
- Освен што науката има свое значење во економскиот развој, има многу големо значење и во афирмацијата на една држава. Затоа е неопходна поддршката на научно-истражувачката работа од страна на надлежните институции во државата. Поддршката на научните работници во Северна Македонија е недоволна… Не можеме да очекуваме големи научни достигнувања ако подолг период не се финансирани, на пример, националните научно-истражувачки проекти, ако не се стипендираат наши талентирани млади истражувачи кои сакаат своето научно оформување и издигнување да го реализираат во земјава или ако се исклучени можностите за нивно вработување на факултетите и научните институции, рече претседателот на Комисијата за избор на лауреатите на признанието „Успешни млади“.
Извор: МИА