X
 21.04.2020 Наука

Наши научници за социо-економските детерминанти на пандемијата на коронавирусот

Нашите научници Виктор Стојкоски, Зоран Утковски, Петар Јолакоски, Драган Тевдовски и Љупчо Коцарев направија истражување за социо-економските детерминанти на 2019/2020 пандемијата на коронавирус. Во продолжение е нивната анализа, која говори дека кога исходот е мерен преку бројот на евидентирани лица заразени со коронавирус по глава на жител, само доходот на државата и популацијата се силни објаснувачи. Побогатите држави се посилно погодени, додека земјите со поголема популација имаат помал број евидентирани случаи.

Пандемијата на коронавирусот почна како занемарлива појава во декември 2019 година во Вухан, Кина. Сепак, набрзо се пренесе во други земји и стана главната глобална закана. Се чини дека повеќето земји не беа подготвени за оваа пандемија. Како последица на тоа, болниците се пренатрупани со пациенти, а стапката на смртност поради болеста вртоглаво се зголемува.

За да се намали ширењето на вирусот, повеќето влади воведоа мерки на социјално дистанцирање - затворање на училишта, аеродроми, граници, ресторани и трговски центри. Во најпогодените држави беше воспоставен и целосен карантин – на ниеден жител не му беше дозволено да го напушти својот дом. Ова резултира со огромен економски пад: берзите паднаа, меѓународната трговија забави, голем број бизниси банкротираа и дел од работоспособната популација остана невработена. Додека во некои од државите воведените владини мерки имаа значително влијание за намалување на очекуваниот шок од коронавирусот, степенот до кој болеста се шири во популацијата во голема мера се разликува од една економија до друга. Овие разлики се илустрирани на Слика 1, каде што е прикажана распределбата на бројот на заразени и бројот на мртви по глава на жител во секоја држава.


Слика 1. Распределба на регистрираниот број на заразени со коронавирус и смртни случаи по глава на жител низ светот.


Мноштво општествени и економски критериуми се посочуваат како потенцијални детерминанти за опсервираните разлики во исходот на коронавирусот. Некои експерти велат дека најпогодените земји имаат постара популација или, пак, недоволно развиен здравствен систем. Други, пак, ја истакнуваат улогата на природната околина. Имајќи ја предвид оваа дебата, спроведување на сеопфатно емпириско истражување за критичните социо-економски детерминанти на пандемијата на коронавирусот не само што ќе овозможи преглед на нивното потенцијално влијание, туку ќе понуди и упатство за идните економски и социјални политики насочени за спречување на појава на епидемии.

Целта на нашето истражување е да придонесе кон решението на дебатата преку статистички испитување на потенцијалот на голем број социјални и економски фактори, во објаснување на исходот од пандемијата на коронавирусот. Преку детален осврт на литературата, во истражувањето се опфатени 35 потенцијални детерминанти кои ги опфаќаат состојбите на здравствената инфраструктура и природната околина во државите, како и нивните општествени карактеристики, економски белези и демографски фактори.

Првичните резултати, кои можат да се видат детално во прелиминарниот извештај, укажуваат дека само неколку детерминанти се способни да го објаснат досегашниот исход од коронавирусот. Кога исходот е мерен преку бројот на евидентирани лица заразени со коронавирус по глава на жител, само доходот на државата и популацијата се силни објаснувачи. Побогатите држави се посилно погодени, додека земјите со поголема популација имаат помал број евидентирани случаи. Кога исходот е мерен преку стапката на смртност од Ковид-19, единствено богатството останува силен објаснувач, со повторно позитивен ефект.

Голем број причини може да се искористат за интерпретација на опсервираните резултати. На пример, познато е дека во структуирани популации степенот до кој една епидемија се шири е обратно пропорционален со големината на популацијата. Ова е поради тоа што откако сè ќе биде земено предвид, во поголеми популации е многу полесно да се идентификуваат и таргетираат критичните места кои се најподложни на ширење на вирусот. На сличен начин, може да се каже дека во побогатите земји има подинамична мобилност на луѓето или, пак, дека имаат постара популација. Сепак, возможно е и опсервациите да се резултат на подобрата здравствена инфраструктура која истовремено доведува и до поголема способност за евидентирање на случаите.

Фото: Pixabay

Дефинитивно, интерпретацијата на досегашните резултати треба да биде земена со доза на сомнеж поради две причини. Прво, за да може да се спроведе истражувањето, одреден дел од можните променливи се земени само преку едноставна апроксимација (на пример, дигиталниот развој е мерен само преку бројот на интернет-корисници во државата). Второ, динамиката на исходите од коронавирусот сè уште не е стабилизирана, т.е. има голем број држави во кои бројот на заразени/мртви нагло расте. Иако во математичкиот модел ова е земено предвид, до завршетокот на кризата можно е да произлезат нови информации и да имаат влијание врз крајниот ефект на ширењето на коронавирусот.

Сепак, во отсуство на реални математички модели кои соодветно ги покриваат сите релевантни аспекти, ова истражување претставува прв чекор кон поопшто разбирање на социо-економските детерминанти на пандемијата на коронавирусот. Очекуваме дека со достапноста на нови податоци и подоброто разбирање на динамиката на пандемијата на коронавирусот ќе се надминат некои од досегашните недостатоци, давајќи поверодостојно толкување на резултатите.

За да се обезбеди ова, резултатите од истражувањето ќе бидат обновувани на неделна база. На тој начин нема да содржат податоци постари од две недели. Дополнително, листата со потенцијални детерминанти ќе биде ажурирана доколку се пронајдат докази за нови неистражени социо-економски фактори за кои има соодветни податоци.

Автори: Виктор Стојкоски, Зоран Утковски, Петар Јолакоски, Драган Тевдовски и Љупчо Коцарев

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука