X
 13.02.2020 Живот

НАСА распиша конкурс за вработување астронаути

Националната аеронаутичко-вселенска агенција (НАСА) синоќа објави конкурс за астронаути, заинтересираните можат да аплицираат од 2 до 31 март 2020 година.

Последен пат НАСА распиша сличен конкурс за обука на астронаути пред четири години. Во најновиот опис на задолженијата се вели дека агенцијата сака да испрати нова класа астронаути на Меѓународната вселенска станица, со намера да заминат на Месечината и на Марс.

Програмата Артемис е низа од мисии со цел постојано присуство на луѓе на Месечината кои треба да почнат од 2024 година, при што ќе биде испратена и првата жена на Земјиниот сателит.

Во конкурсот се наведени условите што треба ги исполнат кандидатите.

Основен услов е поседување државјанство на САД и магистерска диплома од инженерски, биолошки, физички или компјутерски науки, или математика, добиена од акредитиран факултет.

Се примаат и кандидати што работат на докторска дисертација или имаат диплома за доктор на медицина или доктор за остеопатска медицина.

Кандидатите исто така треба да имаат двегодишно професионално искуство, или најмалку 1.000 часа пилотско искуство во управување млазни авиони. Идните космонаути треба да го поминат лекарскиот преглед на НАСА за долготрајно летање во вселената.

Инаку, во новиот предлог-буџет за 2021 година на претседателот Доналд Трамп се предвидени зголемени средства за проектите на НАСА за испраќање човек на Месечината до 2024 година. Оваа програма лани ја најави потпретседателот Мајк Пенс.

Извор: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот