X
 30.08.2022 Живот

Толку се барани што веднаш добиваат работа и огромни плати без интервју

Во последно време пилотите се многу барани. До тој степен што авијатичарите на неодамна затворената авиокомпанија „Експресџет ерлајнс“ добиваат невидени нови работни понуди без никакво интервју.

Згора на тоа, сè се случува по само неколку дена откако нивниот работодавец прогласи банкрот.

„Пиедмонт ерлајнс“, регионална авиокомпанија со седиште во Мериленд и подружница на „Американ ерлајнс“, во четвртокот објави дека на пилотите на оваа компанија ќе им даде условни понуди засновани на искуство и стаж.

Понудата е во контекст на пилотскиот договор на „Пиедмонт ерлајнс“, регионален партнер на „Американ ерлајнс“, за кој во 2021 година преговараше со најголемиот синдикат на пилоти во светот - Здружението на пилоти.

Според тој договор, четиригодишната плата на капитен од „Пиедмонт“ веднаш оди на 157 долари за час, вклучувајќи и бонус на платата од 50 отсто, кој останува во сила до 2024 година. Во 2023 година платата ќе се зголеми на 161 долар за час. Едногодишната плата на првиот офицер оди на 90 долари за час, вклучително и 30 долари бонус за час.

Ваквата понуда не доаѓа само од „Пиедмонт ерлајнс“. Подружницата на „Американ ерлајнс“, „Енвој ејр“, ги има истите одредби и на пилотите од „Експресџет“ им нуди работа без никакво интервју, вели Рик Вилсон, потпретседател за летови од „Енвој ејр“.

„Експресџет“ управуваше со над 450 авиони во текот на најдобрите денови на компанијата, но проблемите предизвикани од пандемијата се покажаа како фатални. Компанијата поднесе барање за стечај и престана со работа.

- Никој не сака да види како пропаѓа авиокомпанија. Знаеме дека пилотите на „Експресџет“ се добро обучени авијатичари и сме задоволни што оваа транзиција ќе ја направиме што е можно полесна. Ова е можност овие пилоти да добијат значително зголемување на платите и бонусите - изјави Мет Кернан, директор за операции на „Пиедмонт“.

И покрај напорите на авиокомпаниите да ангажираат повеќе пилоти, се предвидува дека недостигот на овие професионалци во САД ќе продолжи да се зголемува. Тоа особено ќе важи за регионалните превозници како „Пиедмонт“, кои опслужуваат помали градови во име на големите авиопревозници како „Американ ерлајнс“.

До 2032 година се очекува во Северна Америка да фалат речиси 30.000 пилоти доколку индустријата не успее да ги реши своите проблеми. Тоа е речиси четирипати повеќе од предвидениот јаз од 8.000 пилоти за оваа година, што веќе се покажа како проблематично.

Тоа се главно пилоти обучени да управуваат со поголеми млазни авиони.

Извор: CNN
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот