X
 13.02.2023 Живот

Оваа земја официјално веќе нема кучиња-скитници

Холандија официјално стана првата држава во која нема кучиња-скитници на улиците. Долгогодишните напори на државата и локалните заедници вродиле со плод бидејќи проблемот со ваквите кучиња е елиминиран без практикување евтаназија.

Многу извори потврдуваат дека Холандија имала големо население на кучиња од 19 век, кога поседувањето куче се сметало за симбол на статус. Меѓутоа, во истиот период се појавила епидемија на беснило, што резултирало во напуштање на многу кучиња. Оттогаш Холандија се обидува да го реши проблемот на разни начини.

Меѓу првите мерки е задолжителната кастрација и стерилизација, како и ветеринарна грижа за секое куче. Овие активности ги финансирала државата. Набргу бил сменет законот за да се воведат високи парични казни, па дури и затворска казна, за занемарување и злоупотреба на домашни миленици.


Фото: Pixabay

Она што најмногу придонело биле кампањите за удомување кои ги поддржале речиси сите граѓани. Според некои извори, дури 90 отсто од жителите удомиле куче-скитник по кампањите. Освен тоа, се наплаќаат повисоки даноци за купување кучиња.

Холандија има и таканаречена „полиција за животни“ која е задолжена за грижа и проверка на условите во кои живеат животните, како и тоа дали тие се добредојдени во рестораните, продавниците и сличните места.

Извор: Fashion
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот