Истражување, кое опфатило речиси 4 милиони луѓе во САД, Канада, Скандинавија, Нов Зеланд, Австралија и Обединетото Кралство, ги анализирало здравствените придобивки за луѓето од чувањето кучиња.
- Чувањето кучиња е поврзано со намалување на смртноста од сите причини за 24 отсто - вели д-р Каролин Крамер, доцент на катедрата за ендокринологија и метаболизам на Универзитетот во Торонто. Метаанализата покажала уште поголеми придобивки за луѓето што веќе преживеале срцев или мозочен удар.
- За овие луѓе, поседувањето куче беше уште покорисно. Тие имаа 31 отсто помал ризик да умрат од кардиоваскуларни болести - рекла Крамер.
Посебно истражување на повеќе од 336.000 шведски мажи и жени покажало дека сопствениците на кучиња имале подобри здравствени резултати откако доживеале значителен кардиоваскуларен проблем, како што е срцев или мозочен удар. Според Светската здравствена организација, срцевиот и мозочниот удар се водечка причина за смрт во светот. Придобивките биле најголеми за сопствениците на кучиња што живееле сами.
- Најинтересниот дел од оваа студија беше дека луѓето што живееле сами, всушност, имале најголема корист, и во групата на срцев удар и во групата на мозочен удар. Луѓето што живееле со куче имале помала смртност од оние што живееле без куче - вели д-р Марта Гулати, главен уредник на „Кардиосмарт.oрг“, платформа за едукација на пациенти на Американскиот колеџ за кардиологија.
Преживеаните од срцев удар што живееле сами и поседувале куче имале 33 отсто помал ризик од смрт во споредба со луѓето без куче. Оние што преживеале мозочен удар, а исто така живееле сами, имале 27 отсто помал ризик од смрт.
- Знаеме дека осаменоста и социјалната изолација се силни ризик-фактори за прерана смрт, а нашата хипотеза беше дека присуството на домашно милениче може да ги ублажи овие ризици - вели Тове Фал, вонреден професор по епидемиологија на Универзитетот „Упсала“ во Шведска и автор на студијата.
Двете објавени студии биле набљудувачки, што значи дека истражувачите не можеле да докажат дека поседувањето куче е директна причина за зголемен животен век или подобри здравствени резултати по срцев и мозочен удар - само рандомизирано клиничко испитување може да даде одговори на овие прашања.
Американското здружение за срце укажува на студии кои откриле дека луѓето што ги шетаат своите кучиња имаат до 30 минути повеќе физичка активност дневно од оние што не ги шетаат своите кучиња.
Според Центрите за контрола и превенција на болести, студиите покажуваат дека кучињата го намалуваат стресот, промовираат релаксација и влијаат врз речиси секоја фаза од нашиот живот.
- Кучињата влијаат врз социјалниот, емоционалниот и когнитивниот развој кај децата, промовираат активен животен стил, а некои дури можат да откријат претстојни напади или присуство на одредени видови рак - според ЦДЦ.
Извор: vecernji.hr
Фото: Freepik