Учењето со помош на интернетот често е многу полесно и поевтино отколку она за кое е потребна физичка присутност.
Учениците можат да учат по свој распоред, да заштедат пари за патување или други трошоци и често можат да си ги снимаат лекциите и да си учат кога не се поврзани на интернет. Некои се бесплатни, а некои страници ви дозволуваат да преземете колку што сакате курсеви за одреден надомест. Можете да си добиете професионални сертификати онлајн, вештини што ќе ви помогнат да најдете работа на пазар кој брзо се менува, па дури и дипломи.
Без разлика дали сакате да напредувате во вашата кариерата или да си најдете ново хоби, онлајн-курсевите се едни од најдобрите бенефиции на 21 век, а сè што ви е потребно е пристап до интернет.
Еве неколку од најпопуларните онлајн-заедници за учење.
„Udemy“
„Udemy“ веројатно има најголем избор на онлајн-курсеви, со повеќе од 100.000 видеокурсеви и нови изданија секој месец. Кога има специјални понуди, може да се најде и курс кој чини 11,99 долари. Повеќе од 30 милиони студенти го користат сервисот, а курсевите се достапни на повеќе јазици.
Тука можете да ги разгледате категориите, цените и можеби да си изберете што следно ќе учите или усовршувате.
„Coursera“
Тука можете да најдете илјадници лекции предадени од врвни инструктори од некои од најдобрите универзитети и образовни институции во светот. Можете и да добиете дипломи и сертификати.
Секој курс е како интерактивен учебник со однапред снимени снимки и проекти. Можете да се поврзете со илјадници други студенти и да дебатирате за идеи, за материјалот или да добиете помош во совладувањето на материјалот.
Просечно, индивидуалните курсеви чинат од 29 до 99 долари, иако има и бесплатни.
„Skillshare“
Овде има повеќе од 25.000 лекции пренесени од страна на креатори, претприемачи и професионалци од целиот свет. Има многу категории, како дизајн, бизнис, технологија, фотографија и филм, претприемништво и пишување.
Можете бесплатно да си направите профил само со електронска пошта. Ќе имате пристап до бесплатни часови, а за целосен пристап до сите часови и учење офлајн, ќе ви треба премиум членство. Тоа чини 15 долари месечно или 99 долари годишно.
Фото: Business Insider
„EdX“
„EdX“ е слично на „Coursera“ во тоа што има лекции од некои од водечките светски универзитети и институции. „EdX“ е основан од „Харвард“ и МИТ и има повеќе од 100 институционални партнери, а нуди курсеви во сè, од уметност до архитектура, економија, право и друго.
Можете да се регистрирате со е-адреса. Освен за професионалните едукациски курсеви, учењето на „EdX“ е бесплатно. Ако сакате сертификат се плаќа околу 50 до 300 долари.
„MasterClass“
„MasterClass“ нуди онлајн-часови предавани од светски реномирани инструктори. Студентите што индивидуално ќе си платат за часови (генерално 90 долари) ќе имаат неограничен пристап до секоја лекција во нивниот курс. Неограничениот пристап до лекциите од некоја категорија чини 180
долари.