X
 13.03.2019 Живот

Жените во ЕУ го раѓаат првото дете во просек на 29 години

Наталитетот во Европската Унија бележи мал пад во 2017 во споредба со претходната година, при што највисока е стапката во Франција, а најниска во Малта, јави дописничката на МИА од Брисел.

Вкупната стапка на прираст во ЕУ била 1,59 раѓања по жена во 2017 и 1,6 во 2016 година, додека возраста на мајките при раѓањето на првото дете продолжува бавно, но сигурно да расте, констатира Евростат. Во 2017 жените во ЕУ во просек го раѓале првото дете на 29,1 години, додека во 2013 на 28,7 години.

Најдоцна раѓаат жените во Италија, Шпанија, Луксембург, Грција и Ирска, а најрано во Бугарија, Романија, Летонија, Словачка и Полска.

Највисока стапка на раѓање и натаму имаат француските мајки со 1,90 деца по жена, по што следуваат Шведска, Ирска и Данска. Најмалку деца раѓаат жените во Малта, Шпанија, Италија и Кипар.

Во просек во ЕУ стапката на жени што го родиле своето прво дете пред дваесеттата година (мајки тинејџерки) изнесува 5 отсто. Меѓутоа, оваа бројка е многу повисока во Бугарија и во Романија, каде што достигнува речиси 14 отсто. Најниска е во Данска, Италија и во Словенија, каде што е помала од 2 отсто.

Евростат посочува и дека во 2017 година над 80 отсто од новороденчињата биле прво или второ дете, додека пак 12 отсто биле трето дете. Највисока стапка на жени што родиле трето или четврто дете има Финска со 10,3 отсто, потоа Ирска со 9 проценти, па Велика Британија, Словачка и Белгија, сите со по околу 8 отсто.

Извор: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот