X
 13.05.2020 Живот

Членките на ЕУ ќе имаат црвени и зелени корона-зони

Мораме да направиме сѐ што можеме за да го спасиме летото во Европа - тоа тврдење сѐ почесто се слуша во Брисел и на видеоконференциите организирани во разни институции на Европската Унија, а Европската комисија денес се очекува да усвои пакет кој содржи насоки за земјите-членки за тоа како би можеле да ја координираат туристичката сезона во време на коронавирус.

Деталите од предлогот на Комисијата не се познати, но може да се претпостави дека ќе одат во насоката која јавно ја предложија професорите Мигел Олиу-Бартон и Бари Праделски од Универзитетот „Оксфорд“ и Универзитетот „Дофин“ во Париз. Нивниот предлог е различни региони во земјите-членки да се означуваат со зелена или црвена боја, во зависност од тоа колку во некоја од нив е поволна епидемиолошката ситуација и да им се овозможи на туристите слободно да патуваат во зелените подрачја.

Зелената боја би значела дека вирусот е под контрола, а црвената дека не е, но за да може таквиот систем да функционира, потребен е висок степен на координација на епидемиолошките мерки, како социјална дистанца, тестирање и следење на контактите на новозаразените.

Одлука на членките

Терезија Грас, државна секретарка во министерството за внатрешни работи на Хрватска, вчера пред Одборот за граѓански слободи при ЕП истакна дека моменталните ограничувања за премин на границите во ЕУ најпрвин би требало да бидат олеснети за оние што патуваат во подрачја со слична епидемиолошка ситуација. Со тоа се согласи и членот на тој одбор, Карло Реслер.

- Каде што не постои значителна епидемиолошка опасност, треба да се обезбеди слободно движење на луѓето - рече тој.

Препораките на Комисијата, кои ќе бидат објавени денес, нема да бидат обврзувачки за земјите-членки и одлуката за тоа кога и како ќе се отворат границите останува на националните власти. Тие треба да одлучат и дали ќе пропишат задолжителна 14-дневна самоизолација или карантин за секој што влегува во земјата - на пример, Шпанија пропишува таква мерка, а Франција направи исклучок за граѓаните на другите земји од ЕУ.

Таквиот пристап веројатно ќе се преферира и во препораките на Комисијата. Сѐ ќе остане во домен на национални овластувања, но Комисијата сака да им помогне на членките отворањето да се одвива координирано, постапно и без дискриминација, односно без посебни привилегии за само некои граѓани на ЕУ. Клучен критериум не би требало да биде националноста, туку исклучиво здравствените критериуми.

Принципот на недискриминација меѓу граѓаните на ЕУ би можел да значи и да не се поттикнува склопување на билатерални договори за туристички коридори меѓу само некои земји-членки. Но, прашање е колку членките на ЕУ ќе ги следат таквите препораки.

Фото: Unsplash

Интерактивна мапа

ЕК наводно не е склона кон тоа земјите-членки да пропишуваат задолжителен карантин по преминувањето на границите, туку повеќе сака да ги поттикне да се водат по тоа дали епидемиолошката ситуација во подрачјето од каде што доаѓа некој патник е поволна или не, дали епидемиолошките мерки таму се слични со оние што се во сила во таа држава итн. Во рамките на тие критериуми ќе биде важен и бројот на тестирања во некоја земја, а сите земји работат на зголемување на капацитетите за тестирање.

Ако земјите-членки успеат добро да се координираат околу сето тоа, до летото може да постои некој вид интерактивна мапа на ЕУ на која луѓето што сакаат да отпатуваат на летен одмор ќе можат да проверат колку во епидемиолошка смисла е сигурна таа дестинација, па дури и да го зумираат погледот до тој степен што би можеле да видат и какви правила има некој хотел или каква е политиката на социјално дистанцирање на некоја плажа.

Автор: Томислав Краснец
Извор: vecernji.hr
Насловна фотографија: Unsplash
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот