X
 13.04.2022 Технологија

„Нетфликс“ воведе опција што многумина долго време ја бараа

Сериите, филмовите и документарните филмови на „Нетфликс“ сега можат да бидат оценети со два палци нагоре, што ќе му помогне на алгоритамот на оваа услуга да им даде на корисниците подобри предлози за нови содржини.

Една од работите што корисниците побараа да ја направи „Нетфликс“ е да им даде начин да го приспособат искуството од користењето на оваа стриминг-платформа или предлози за содржина што можеби ќе им се допадне. Досега корисниците имаа само опција палец нагоре или надолу, односно дали им се допаѓа филмот, серијата или документарецот или не.

Но, често некои серии се просечни и не заслужуваат палец надолу, но доколку корисниците означат дека им се допаѓа, алгоритамот на „Нетфликс“ не може да знае дали само им се допаѓа содржината или уживаат во неа и сакаат да гледаат повеќе слични содржини.

Од „Нетфликс“ велат дека одговориле на преференциите на корисниците и воведоа нов начин за корисниците да означат колку уживале во гледањето на филмот или серијата. Палците надолу и нагоре остануваат исти, но сега содржината може да се означи со два палци нагоре. Разликата помеѓу еден и два палци нагоре е дали на корисниците им „се допаѓа или „сакаат“ некоја содржина, објаснуваат од компанијата.

Така, добрите филмови и понатаму ќе добиваат еден палец нагоре, додека на содржината во која навистина уживале корисниците ќе ѝ дадат два палци нагоре, што ќе му помогне на „Нетфликс“ да дава подобри препораки за содржината во иднина. Како што изјави Кристин Доиг-Кардет, директорка за иновации на производи, со оваа опција корисниците добиваат друго ниво што ќе им олесни да ги пронајдат работите што ги сакаат, а таа не исклучува нови опции кои дополнително би можеле да ги подобрат препораките на оваа стриминг-платформа. Сепак, таа рече дека опцијата со два палци надолу не треба да се очекува наскоро.

Извор: Zimo.dnevnik.hr
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија