Многумина почнаа да работат од дома наместо во канцеларија
поради пандемијата. Во ова време на виртуелни состаноци многумина се шегуваат дека вработените, но и нивните претпоставени донесуваат одлуки и комуницираат облечени во пижами. На интернет се појавија и видеа и фотографии од луѓе што носат кошули и долни пижами во текот на состаноците преку виртуелните платформи.
Една јапонска компанија има совршено решение за оние што сакаат да работат во своите пижами. „Ватевер инк“ ги измисли пижамите за работа од дома. Станува збор за комбинација од пижами и формална кошула. Но, во случајот со изумот на компанијата горниот дел од пижамите и кошулата се комбинирани во само една блуза. Така се добива удобноста на пижамата, притоа задржувајќи ја професионалноста во изгледот.
Ова парче облека е идеално за виртуелните состаноци, под услов да не станувате за време на состанокот. Таичи Ито, дизајнерот на пижамите за работа од дома, открил дека го направил дизајнот бидејќи сакал на неговата сопруга да ѝ биде поудобно додека работи од дома. Пижамите за работа од дома доаѓаат во три комбинации на бои, а достапни се во две големини кои се унисекс.
Компанијата започнала кампања за собирање средства на „Кикстартер“ и веќе ги собрала потребните 1.865 долари кои ги поставила како цел. Еден пар пижами чини околу 112 долари.
Автор: Робертас Лисикис
Извор:
boredpanda.com
Фото: Instagram