X
 13.07.2023 Живот

Ова се најдобрите земји за живот за иселеници

Размислувате да се преселите во друга земја, но не сте сигурни каде би било најдобро?

Секоја година „Интернејшнс“, глобална заедница на луѓе што живеат и работат во странство, спроведува истражување на кое ги открива најдобрите места за живеење во светот кои имаат добар баланс помеѓу работата и животот. Како што наведоа на нивната веб-страница, бидејќи работата на далечина е сè уште популарна и десетици земји воведоа целни визи за „дигиталните номади“, преселувањето во странство никогаш не било полесно. Но, важно е да ја изберете земјата која го нуди најдоброто за вашата кариера и која одговара на вашиот животен стил. Организацијата анкетираше повеќе од 12.000 иселеници и направи интересно рангирање на најдобрите (и најлошите) европски земји за иселеници според нивните наоди.

Извештајот „Експат инсајдер 2023“ анализира 53 земји и ги рангира според квалитетот на животот. Во истражувањето, од иселениците беше побарано да ја оценат леснотијата на населување, работа во странство и извршување слободни активности во нивната земја на живеење. Рангирањето го вклучува и индексот „Експат есеншалс“, кој ги анализира дигиталните услуги, бирократијата, домувањето и јазикот.

Мексико е победник втора година по ред, а 91 отсто од иселениците велат дека се задоволни со животот таму

Според иселениците во истражувањето, Мексико е земја која е прилично лесна за населување, а луѓето што се преселиле таму се задоволни со нивните лични финансии. Исто така, иселениците се воодушевени од тоа колку жителите се пријателски настроени кон нив, па така оваа земја е на прво место во поткатегориите локално пријателство, наоѓање пријатели и култура и гостопримливост. Точно 9 од 10 иселеници (90 отсто) ги опишуваат локалните жители како пријателски настроени (наспроти 66 отсто на глобално нив), а на 75 отсто им е лесно да создадат пријателства (наспроти 42 отсто на глобално ниво).

Мексико е на второ место во светот според Индексот за лични финансии, веднаш зад Виетнам, а повеќе од три четвртини од иселениците (77 отсто) се задоволни со својата финансиска состојба (наспроти 60 отсто на глобално ниво).

Исто така, иселениците во Мексико уживаат во вториот најдобар баланс помеѓу работата и животот во светот, веднаш по Данска (прво). Повеќето иселеници се задоволни со овој фактор (77 отсто среќни наспроти 62 отсто на глобално ниво). Всушност, просечните работни часови на работниците со полно и со скратено работно време се само 37,7 часа неделно, во споредба со 40,2 часа на глобално ниво.

По Мексико, на второ место се наоѓа Шпанија. Од првото истражување на „Интернејшнс“ во 2014 година, Шпанија отсекогаш била во првите десет за квалитет на живот. Земјата постојано е меѓу најдобрите во светот за можности за одмор, а оваа година беше на прво место во Европа и второ во светот. Повеќето иселеници (88 отсто) велат дека се задоволни со културата и ноќниот живот, во споредба со 68 отсто на глобално ниво. Дополнително, девет од десет луѓе рекоа дека уживаат во можностите да спортуваат рекреативно, а речиси три четвртини од иселениците изразија задоволство од нивната рамнотежа помеѓу работата и животот.

Португалија стигна до 10. место и е единствената европска земја, заедно со Шпанија, вклучена во првите десет во светот. Леснотијата на населување е една од главните карактеристики на иселениците во Португалија. Повеќе од три четвртини се чувствуваат како дома, а над 80 отсто се чувствуваат добредојдени во земјата. Мнозинството од испитаниците наведуваат дека населението е генерално пријателски настроено кон странците.

Некои од предностите на земјата се климата, времето и квалитетот на воздухот. Португалија има многу полоши резултати кога станува збор за локалната бирократија, така што повеќе од половина од иселениците тешко се справуваат. Но, иако земјата има и лоши резултати во однос на платите на работа (42. место), 78 отсто од иселениците сè уште се согласуваат дека нивниот приход на домаќинството е доволен или повеќе од доволен за удобно живеење.

Најлоши места за живеење се Малта и Норвешка


Малта се наоѓа на 46. место од 53 анализирани земји. Еден од најголемите проблеми за иселениците е квалитетот на животот, со 32 проценти незадоволни од можностите за рекреативни спортови, наспроти 10 отсто на глобално ниво. Повеќе од 60 отсто од испитаниците изразиле фрустрација од автомобилската инфраструктура, во споредба со само 13 отсто на глобално ниво. Друг недостиг се животната средина и климата на Малта. Земјата е рангирана на второто место во однос на природните и урбаните средини. Резултатите не се ништо подобри кога станува збор за индексот на работа - 24 отсто не се чувствуваат праведно платени за својата работа, а 17 отсто не гледаат никаква цел во својата работа.

oslo
Фото: Freepik

Норвешка е прогласена за најлоша земја во Европа за иселеници и е на 52. место. Дури тројца од пет иселеници негативно ги оценуваат трошоците за живот, во споредба со 35 отсто на глобално ниво, а 37 отсто велат дека нивниот расположлив приход на домаќинството не е доволен за удобно живеење. Норвешка не постигнува добри резултати ниту за индексот на леснотија на населување, со речиси една третина од иселениците кои ги опишуваат локалните жители како непријателски настроени кон странските жители, во споредба со 18 отсто на глобално ниво.

Најдобрите 10 земји за живеење и работа во светот за иселеници

1. Мексико
2. Шпанија
3. Панама
4. Малезија
5. Тајван
6. Тајланд
7. Костарика
8. Филипини
9. Бахреин
10. Португалија

Извор: Euronews.com
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот