X
 11.08.2021 Живот

Застрашувачки топлотен бран од Африка се движи кон Европа

Застрашувачки топлотен бран се шири од Северна Африка кон југот на Европа, напиша синоќа на „Твитер“ шкотскиот метеоролог Скот Данкан.

Данкан наведува дека вчера во главниот град на Тунис била измерена температура од вртоглави 49 степени Целзиусови, со што е соборен рекордот. Просечната температура во Тунис е околу 30 степени во август, а вчера беше соборен рекордот од јули 1943 година, кога беа измерени 47,4 степени.

Во вторникот беа измерени рекордно високи температури во северните градови Бизерте и Беџа.

Во некои делови на земјата, високите температури предизвикаа прекин на електричната енергија, бидејќи луѓето ја преоптоварија користејќи клима-уреди, а избија и пожари во некои планински делови на Тунис.

Денеска се очекуваат температури од 40 степени.

- Ова е само почеток на страшниот топлотен бран - напиша метеорологот Скот Данкан додавајќи дека вчера на Сицилија била измерена температура од дури 47 степени.

Данкан пишува дека во Шпанија следи страшен топлотен удар.

Скот Данкан е шкотски метеоролог кој живее и работи во Лондон. Работел во различни сегменти на метеоролошката индустрија, а во последно време подготвува временски прогнози и анализи за пазарот на електрична енергија со голем акцент на обновливите извори на енергија во Европа.

Тој сѐ поголемо внимание посветува на подобрувањето на обезбедувањето информации за клучните метеоролошки и климатски настани за оние надвор од научната заедница. На „Твитер“ го следат речиси 50.000 луѓе.

Извор: Nova.rs
Фото: Met Desk
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот