X
 13.08.2018 Технологија

Стартап од Ниш продаден за 165 милиони евра




Српско-американската компанија Frame, која пред шест години ја покренаа тројца млади луѓе од Ниш, е продадена за 165 милиони евра на американската софтверска клауд-компанија Nutanix, што досега е најголема јавно позната аквизиција за еден стартап од Србија.

Купувачот Nutanix е софтверска клауд компјутинг компанија основана во 2009 година чија вредност изнесува дури девет милијарди долари.


Производот на нишкиот стартап
(Фото: Screenshot)



Приказната за компанијата Frame ја започнаа тројца млади луѓе од Ниш на крајот од 2012 година, кои успеале својот стартап под име Mainframe2 да го претстават пред јавноста во првата половина од 2013 година. Стартап-компанијата на почетокот на 2015 година била ребрендирана во Frame (Fra.me). Сопствениците уште тогаш најавиле нова фаза во работата на компанијата, ширење на корисничкиот круг на самите „консументи“, но и нови вработувања во Србија.

Еден од основачите, Никола Божиновиќ, тогаш изјавил дека тимот неколку месеци работел на подготовка на производ за поширока корисничка база. Повеќе од 100.000 луѓе покренале свои апликации преку овој клауд-сервис, а меѓу клиентите наскоро се нашле и познатите Fortune 30-компании.

Поентата на целата приказна е во тоа дека крајните корисници со користењето на ова револуционерно решение можат да ги централизираат своите апликации и да ги користат на кој било компјутер, директно од пребарувачот.

Кога тоа што го работи Frame ќе се преведе на обичен јазик, станува појасно што работи оваа фирма. Имено, кој било компјутер може да покрене некои од најкомплексните програми како Photoshop и Autocad, а потребна е само стабилна интернет-врска.

Во јуни 2015 година тие станале „главна вест“ затоа што ја подигнале Series-A рундата на инвестиции во висина од 10 милиони долари. Само еден месец подоцна сервисот е лансиран низ целиот свет, со дејта-центри во Калифорнија, Северна Вирџинија, Ирска, Германија, Јапонија, Австралија и Бразил.

Во мај 2017 година Frame обезбедил нови 16 милиони евра инвестиции, а меѓу инвеститорите се нашол и Microsoft Ventures, инвестицискиот разгранок на една од најголемите технолошки компании на денешнината. Средствата биле вложени за вработување на софтверски инженери, како и за проширување на продажбата и маркетингот во Европа и во Азија.

Веќе во август истата година компанијата објавила ново партнерство со компанијата VMware кое ќе придонесе за полесно покренување на Windows-апликациите за корисниците на новата Workspace One App Express дигитална платформа. По една година стигна веста дека компанијата Frame се продава дури за 165 милиони долари.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија