Александар Ангелов, кларинетист од групата „Дрим-тим“ и наставник по музичко образование од Кавадарци, е еден од најмладите добитници на највисокото општинско признание - наградата „7 Септември“.
Оваа награда ја доби поради неговите музички успеси и бидејќи е амбасадор на македонската музика низ светот. Покрај него, признание добија и Страшо Темков - флејтист од областа на културата и Димитар Пецов - професор по физичко воспитување од областа на спортот.
Ова се награди што Општина Кавадарци им ги доделува на физички лица за особени заслуги во општествениот живот.
Александар Ангелов со признанието
Ангелов вели дека е горд што е еден од најмладите добитници на оваа награда. Тој е наставник во Основното училиште „Лазо Мицев Рале“ во Кавадарци и вели дека со задоволство своето искуство и знаење успешно им ги пренесува на своите ученици.
- Моите ученици ми се вистинска гордост. Се трудам да им пренесам знаење, да ги мотивирам да ја разберат музиката, а дел од нив навистина се пронаоѓаат во неа. Доказ за тоа се многубројните награди, најчесто за прво или второ место на државни и на меѓународни натпревари. Имаме освоено награди на Меѓународен натпревар во камерна музика, Меѓународен натпревар АРТ – ИН, државни натпревари од акредитирани музички здруженија - вели Ангелов.