Средношколци од фармацевтската струка од училиштето СОЗШУ „Ѓорче Петров“ во Кавадарци произведоа пет козметички и фармацевтски производи за нецела учебна година во својата фармацевтска лабораторија
Идните фармацевти и аптекари под менторство на професорот Блаже Ѓорчев, со многу знаење, желба, посветеност и љубов кон фармацијата, успеаја да создадат палета козметички и медицински производи кои предизвикаа голем интерес во јавноста.
- Јас сум релативно нов во училиштето, вработен сум само една година и релативно нова е и здравствената струка во „Ѓорче Петров“. Оваа година излезе првата генерација на фармацевтско-лабораториски техничари. За една училишна година успеавме да произведеме неколку производи со учениците од четврта година, кои завршија со своето средно образование. Прв беше балсамот за усни од кокос. Се промовиравме на официјалната фејсбук-страница на училиштето и реакцијата од учениците и граѓаните беше одлична. Од овој балсам направивме втора, па трета, четврта и петта доза. Следуваше изработката на вториот балсам за усни со мирис на портокал, што беше подобрена варијанта во однос на првиот производ. Но, учениците не сакаа да застанеме тука и по нивна иницијатива направивме и трета варијанта на балсамот со мирис на какао. Сепак, најмногу се гордееја со балсамот за усни од портокал - истакна Блаже Ѓорчев, магистер по фармација и професор по предметот Фармакогнозија во втора, трета и четврта година.
Кога видел дека неговите ученици се интересираат повеќе за практична настава и сакаат да учествуваат во процесот на изработка, решил да ги вклучи во нов проект и да создадат маст од невен и маст од кантарион. За двете масти имало добар одѕив и голема побарувачка, но, за жал, имало ограничени количини поради ограничените суровини за производство.
- Ентузијазмот на учениците беше голем и нивниот труд се преточи во два вида масти кои дејствуваат на изгореници, помагаат при зараснување на рани и поттикнуваат епителизација на кожата, а дејствуваат и антибактериски и ги смируваат воспаленијата - објасни професорот Ѓорчев.
Потоа учениците изработиле крем за раце со мирис на лаванда и крем со мирис на портокал. Првиот, кој се покажал како подобар, ја регенерира кожата и ги смирува иритациите на кожата, а кокосовото масло како компонента на кремот содржи витамини и минерали кои ја хидрираат сувата кожа.
Овие производи не биле се комерцијални цели. Тие се наменети за научно-наставни цели, а на патронатот на училиштето производите им биле поделени на гостите и вработените.
Професорот вели дека е многу тешко да се најдат суровини во Македонија и дека се потребни околу два месеца за да се подготват состојките. Набавките се правеле со средства од училиштето. За новиот производ што ќе се подготвува во новата училишна година ќе се купат суровини од Србија. Но, времето на чекање не е ништо во споредба со реакцијата на учениците кога производот ќе биде готов.
- Реакцијата на учениците беше неверојатна. Цел клас учествуваше, поделен во неколку групи, но имаше група од 6-7 ученици кои постојано се издвојуваа и беа поактивни во процесот. Успеавме да направиме и сируп од бел бор заедно со колегите од шумарската струка, а кој се користи за смирување кашлица. Имаше ефект, некој што пиел рече дека за 2-3 дена консумирање кашлицата се намалила.
Целта беше учениците да го научат процесот на изработка. Дел од нив продолжија на фармација, а дел од нив ќе работат во аптека. Ако се случи тоа, тогаш мисијата за мене како професор е остварена - рече Ѓорчев.
Неговите ученички, сега веќе фармацевтско-лабораториски техничари, Ѕвезданка Трајкова и Ивана Димитриева им се благодарни на професорите што за четири години поминати во средно научиле многу за својата идна професија.
- Ние, добри другарки, сопатнички и веќе поранешни ученички во СОЗШУ „Ѓорче Петров“ сега сме фармацевтско-лабораториски техничари. Едната од нас веќе се вработи во аптека во Кавадарци, а другата ќе го продолжи образованието. Желбата за белиот мантил се појави уште од раното детство. И за наша среќа, во нашиот град се отвори овој профил. Во текот на учењето желбата да работиме чиста и хумана професија стануваше сѐ поголема. Нашиот клас, мнозинство од понежниот пол, нормално заинтересирани за козметиката, заедно со нашиот професор Блаже Ѓорчев дојде до идеја да изработиме разни кремови, масти и балсами. Балсамот за усни од кокос би го споменале како еден од поомилените производи изработени во нашата училишна лабораторија, кој потоа го усовршивме и со други ароми и бои: портокал и какао. Благодарност до сите професори што учествуваа во процесот на нашата едукација со цел да станеме подобри техничари и идни магистри по фармација - го споделија своето искуство матурантките Трајкова и Димитриева за практичната настава по предметот фармакогнозија, кој ги проучува природните лековити суровини.
Професорот Ѓорчев смета дека ќе биде добро ако некој од надлежните во ресорните министерства дозволи да се испита тоа што е направено во училишната лабораторија и да се најде начин да се прошири производството за да стигнат производите до сите граѓани затоа што нивното производство е евтино.
Во меѓувреме, професорот Ѓорчев чека да се исуши и изрони цветот од домашната лаванда од Витачево. Тој ќе биде потребен за да го изработи сапунот од лаванда во фармацевтската лабораторија со следната генерација ученици од четврта година.
Фотографија: приватна архива