Со 438 гласа „за“ предлогот за новата директива за заштита на авторските права, која треба да ја модернизира заштитата на авторски права во ЕУ и да ја воведе во 21 век, беше изгласан во Европскиот парламент.
- Драги колеги, длабоко ви се заблагодарувам. Ова е добар знак за креативната индустрија во Европа. Би сакал само извештајот да биде вратен за да можеме да почнеме со преговорите со Европската комисија - изјави Вос по гласањето, а тоа го прослави подигнувајќи ги рацете во воздух.
Ова е огромен удар врз слободата на говорот на интернет, рече еден од пратениците.
Колку Европскиот парламент е поделен за предлог-директивата, најдобро покажува информацијата дека беа поднесени повеќе од 250 амандмани, а повеќето отфрлени.
Од Комисијата го поздравуваат прифаќањето на предлог-директивата.
- Го поздравуваме денешното гласање. Тоа е моќен и позитивен сигнал и основен чекор кон постигнување заедничка цел за осовременување на авторските права во ЕУ - се вели во заедничката изјава на претседателот на единствениот дигитален пазар, Андрус Ансип, и комесарот за дигитална економија Марија Габриел.
- Нашата цел е со оваа реформа да донесеме чувствителна предност за ЕУ-граѓаните, истражувачите, професорите, писателите, уметниците, медиумите и институциите на културното наследство и да отвориме потенцијал за уште покреативни содржини правејќи ги правилата појасни и приспособувајќи ги на дигиталниот свет. Истовремено, сакаме да ја заштитиме слободата на говорот и да се осигуриме дека интернет-платформите, меѓу кои и 7.000 европски, може да ги развиваат овие и иновативни и бизнис-модели - додаваат тие.
Порачуваат дека до крајот на годината директивата ќе биде одобрена за да може да се започне со изработка на законската рамка на ниво на земјите-членки.
Зошто е ова важно?
Кога пред две години Европската комисија го започна предлогот за модернизација и заштита на авторските права, сите страни се согласуваа. Но, од самиот почеток беше јасно дека начинот на кој треба да се направи тоа е спорен.
Борбата на крајот се сведе на два спорни елементи на предлог-законот.
Првиот е членот 13, по кој платформите како што се „Јутјуб“ се правно одговорни за контролирање на употребата на содржината со авторски права за да се спречи крадењето на нивните автори.
Вториот е членот 11, кој би ги вовел таканаречените соседни права, односно данок на линкови, по кој весниците, списанијата и новинските агенции ќе мора да добиваат надомест за авторските права кога „Гугл“ и другите интернет-страници ќе ги споделуваат линковите до нивните статии, вклучувајќи и кратки исечоци од статиите.
Токму делот од одредбите што се однесуваат на филтрирање на содржината ги крена на нозе многубројните противници на таквото „цензурирање на интернетот“. Тие истакнуваат дека ваквите правила ќе им наштетат најмногу на корисниците, стартап-компаниите и малите проблеми.
Фото: Twitter
Сржта на проблемите што би можеле наскоро да дојдат одлично ја објасни извршниот директор на британската група „Отворени права“, Џим Килок, кој смета дека директивата за заштита на авторски права би можела да донесе „режим на роботска заштита на авторските права“ во кој роботите, односно софтверот ќе ја блокира целата содржина со која потенцијално би се кршеле правата.
Но, додека роботите може да ја препознаат песната на Бијонсе, која се споделува преку интернет, тие не можат да ја препознаат пародијата и не можат да ја сфатат поентата на мемињата во кои се користат заштитени фотографии или критички да проценат што прават креативните луѓе на интернет.
Особено е интересно што Европската комисија има голем број проекти што поттикнуваат дигитално претприемништво, а истовремено има група луѓе кои би ги филтрирале содржините, би го ограничувале пристапот и слободата на размена на содржината.
Што е следно?
Прифаќање на предлог-директивата во Европскиот парламент не е конечна одлука.
Според процедурата пропишана во ЕУ, сега започнуваат преговорите меѓу Европската комисија, Европскиот парламент и Советот на Европа. Овие преговори ќе резултираат со краен предлог текст-директива, што ќе стане темел за изготвување законодавна рамка во земјите-членки.
За ова треба да се дебатира и да се гласа во Европскиот парламент
следната година, најверојатно напролет.