Во оваа рубрика ви претставуваме интересни податоци за Македонија
Препливувањето на каналот Ла Манш, кој ги поврзува Франција и Британија, е предизвик за илјадници вљубеници во маратонското пливање. Овој подвиг бара многу подготовки и волја, а не секому му успеало да го преплива каналот што го дели југот на Англија со северот на Франција. Борбата со силните струи и со брановите е за симнување капа.
На четворица Македонци досега им успеало да го препливаат Ла Манш, а од нив само една е жена. Прв што успеал е Нико Нестор во 1959 година, следува Атина Бојаџи, 10 години подоцна. Од поново време Ла Манш го има совладано Томи Стефановски во 2009, а една година подоцна – Игор Димовски.
Фотоизвор: Јутјуб/Општина Карпош
Нико Нестор е основоположник на македонското маратонско пливање и предводник на славната генерација македонски пливачи-маратонци заедно со Климе Савин, Атина Бојаџи и Дики Бојаџи.
На 9 септември 1959 година Нико Нестор го направил историскиот подвиг – станал првиот Македонец, но и првиот пливач на тогашна Југославија што успеал да го преплива каналот Ла Манш. Подвигот го завршил за 12 часа и 6 минути. Тој се смета и за прв човек од Источна Европа што го совладал растојанието од Кале (Франција) до Довер (Англија). На наградата што ја добил пишува: „Првиот човек од зад железната завеса што успеа да го преплива Ла Манш“.
Фотоизвор: Јутјуб
Само една година претходно, на 19 август 1958 година, Нестор го остварил својот сон и станал првиот што успеал да го преплива Охридското Езеро од Свети Наум до родната Струга, за 11 часа и 28 минути. Истиот подвиг го направил неколку пати подоцна.
Прва жена што успеала да го преплива Ла Манш е Атина Бојаџи. Тоа ѝ успеало по десет години од подвигот на Нестор, во 1969 година. Уште на 11-годишна возраст успеала да ги собори сите македонски рекорди во пливање на кратки патеки во слободен стил, делфин стил итн.
Нико Нестор (фотоизвор: Јутјуб)
Нико Нестор е роден на 19 јуни 1934 година во Струга. На републичките првенства освоил 14 титули, соборувајќи неколку републички рекорди во периодот од 1948 до 1967 година.
Завршил средно фискултурно училиште и виша школа за надворешна трговија во Белград. По прво одделение со семејството се преселил во Охрид. На 12 години се зачленил во пливачко-веслачкото друштво „Охридски бранови“. Омилен стил му бил краул. Долго време бил македонски рекордер во шест дисциплини, а играл и ватерполо.
Во 2000 година е назначен за претседател на возобновениот Охридски маратон, бил и негов почесен претседател. Настапувал на повеќе маратони низ светот.
Нико Нестор (фотоизвор: Јутјуб)
Во 2009 година за препливувањето на Ла Манш доби специјално признание од Здружението на пливачки маратонци.
Нико Нестор почина во Скопје на 26 февруари 2016 година, на 81 година.