X
 12.07.2020 Живот

Успешна онлајн-дебата за тоа што нѐ чека по 1 септември во образованието, што е потребно за да се запишете на светски универзитет... Што пишувавме неделава?

Дебатата посветена на образованието и на она што ќе се случува по 1 септември, во организација на Факултети.мк и Деца.мк ни ја обележа неделава. Пишувавме и за проблемите со немањето доволно информации за почетокот на школската година, за тоа како средношколците успеваат да се запишат на престижни факултети во странство, а ги следевме и карантинскате хроники на Михајло Димитриевски - Тхе Мичо, кои ги илустрира во неговата нова книга.



 
Погледнете ја онлајн-дебатата


Четириесетина дена пред почетокот на новата учебна година. Не се многу, но со добар тим и многу волја може да се направат основни услови за децата да добијат солидна настава ако образовниот процес продолжи од дома поради пандемијата од Ковид-19. Нe смеат да се повторат изминатите три месеци со испраќање мејлови и чекање повратен одговор, слаба или никаква интеракција меѓу наставниците и учениците. За почеток, мора непречено да функционира електронскиот дневник.
Ова се дел од поентите од синоќешната дебата во живо на тема „Какво образование нѐ чека од 1 септември. Ќе тргнат ли децата на училиште?“ што ја организираа порталите Факултети.мк и Деца.мк на платформата за комуникација „Зум. Во дебатата учествуваа Елизабета Наумовска, заменик-министер за образование и наука, Кирил Барбареев, професор на Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, Александра Максимовска-Стојкова, професорка на Правниот факултет „Јустинијан Први“, Ана Попризова, училиштен психолог во скопската гимназија „Орце Николов“ и Владислав Бидиков, ИТ-инженер на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ). Двочасовната дискусија ја модерираше новинарката Катерина Топалова, а ја проследија повеќе од 21.000 гледачи на Факултети.мк и околу 16.000 гледачи на Деца.мк.


Неделава објавивме и три колумни. Во својата редовна колумна, професорката Елизабета Секирарска се осврна на проблемите на средното стручно образование, кое го нарече талкачот низ реформите.


Еволуцијата на македонската писменост и јазик нѐ обврзува да зборуваме за предисторија на кодификацијата на македонскиот јазик, односно за преткодификации на македонскиот јазик, напиша во своката колумна, aкадемик Катица Ќулавкова.


Д-р Јана Проданова, соработник во МАНУ и професорка на Универзитетот во Бургос, Шпанија, и академик Љупчо Коцарев, професор на ФИНКИ, напишаа колумна посветена на Ковид-19. Тие открија дека во тек е подготовка на анкета што ќе овозможи да се спроведуваат дневни анонимни истражувања на населението во Македонија за проценување на развојот на симптоми предизвикани од вирусот, кои можат да послужат како стратешка алатка за идентификација на различните кластери.

Откривме и како се определува временска прогноза и какво лето нè очекува оваа година?

Податоците за времето ги добиваме на дневна основа, планирањето на животот ни зависи од нив, ги добиваме на тацна, речиси несвесни дека некој секојдневно ги изработува. Александра Стевков и Сузана А. Моневска се дел од вработените во Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) кои секојдневно ги доставуваат овие податоци до медиумите и преку нив стигнуваат до граѓаните.



Како се формира временската прогноза? Александра Стевков објаснува дека прогностичките материјали УХМР ги презема од Европскиот центар за среднорочна прогноза на времето (ECMWF) во Рединг, Виртуелниот центар за климатски промени за Југоисточна Европа (SEEVCCC), како и од останатите светски прогностички центри.


Минатата недела буквално вриеше на социјалните мрежи откако Министерството за образование и наука објави нацрт-верзија на концепт за развивање систем за образование од далечина во основните и во средните училишта во Македонија.

Дел од медиумите погрешно објавија дека новата платформа ќе почне да се применува од септември оваа учебна година, по што МОН го поправи текстот во кој бара сугестии и предлози за подобрување на документот.

Инаку, во документот јасно стои дека пуштањето во употреба на електронската платформа е предвидено за септември 2022 година, за кога е предвидена и изработка на е-содржини, додека набавката на ИКТ-опрема и образовен софтвер за користење ИКТ во согласност со стандардите е предвидена за 2025 година.




Родителите и наставниците бурно реагираат на социјалните мрежи бидејќи сфатија дека МОН допрва ќе развива вистински систем за онлајн-образование, национална е-платформа за учење за основното и средното образование, иако до почетокот на новата учебна година има уште еден и пол месец. Ние, пренесовме дел од нивните реакции.

Од јадење бурек со битолски јогурт, преку 'рчење задреман на каучот, со гума за пливање и желба за летување, со цело семејство, претставено како суперхерои. Ова се само дел од досетливите и полни со хумор илустрации на Михајло Димитриевски-Тхе Мичо, кои произлегоа од светската пандемија на Ковид-19, карантинот, дисциплинираното #седетедома и полициските часови. Како се олабавуваа мерките, така Мичо секојдневно си ја завршуваше зададената задача и постираше по една илустрација од секојдневието. Сите илустрации, вкупно 82, собрани во едно издание под наслов Quarantine chronicles („Карантински хроники“) денеска ќе излезат од печат во издание на „Светот на Биби“. Илустрациите на Тхе Мичо ги спакува графичкиот дизајнер Кети Пренда, а од денеска ќе може да се купат онлајн на www.themico.mk  во двете специјализирани продавници на Биби во ГТЦ

и во скопската населба Аеродром. како и во книжарниците на Литература.мк

Михајло Димитриевски - Тхе Мичо

Одличниот успех на училиште е важен, но не и доволен за пласман на еден од врвните светски универзитети, особено оние во САД. Преку посветеност на воншколски активности, идните апликанти би се издвоиле од мнозинството што го има истиот просек. Посветеноста на некоја активност е одличен начин да се покаже личноста на средношколецот, неговите лидерски и тимски способности, креативноста и љубопитноста кои не може да се увидат исклучиво преку оценките, ни откри Еда Авмедовска, матурантка во средното училиште „Јахја Кемал“. Своето образование ќе го продолжи на престижниот американски универзитет „Тафтс“ во Масачусетс, каде што ќе студира биопсихологија.

Еда Авмедовска


Во редовната петочна рубрика Дали знаете, во која ви презентираме интересни податоци за нашата земја, пишувавме за тоа Галичката свадба никогаш нема да биде под заштита на УНЕСКО.

Од Петровден за Пресвета Богородица е одложена годинашната манифестација „Галичка свадба“, која традиционално се одржува на 12 јули. Причината е пандемијата на Ковид-19 и препораките за избегнување масовни собири за да не се заразат луѓето. Ако се создадат услови, наместо задутре, „Галичка свадба“ може да се одржи на 28 август, за големиот празник Пресвета Богородица, соопшти деновиве организацискиот тим на манифестацијата.


Денешната манифестација „Галичка свадба“ / Фото: Википедија


Книгата „Универзален време-простор“ произлезе како резултат на смели идеи за толкување на основните природни поими, физичките ентитети, време и простор. Во неа се третираат теми од физиката, но во анализите се додава дополнителен акцент од филозофски аспект со цел опишување на физичките појави и феномени во подлабока смисла. Книгата е наменета и за филозофи чиј поглед на светот без природни основи не би бил возможен. Таа може корисно да послужи и како инспиративна тема за вечните размислувања за универзалниот живот, бескрајноста и вселената – вели електроинженерот Мирослав Китаноски, автор на ова дело, кој има големи афинитети кон физиката, електрониката и технологијата. Во интервјуто за Факултети.мк Китаноски раскажува за инспирацијата за оваа книга, за физиката како негова љубов, природата...


Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот