X
 17.07.2022 Наша тема

ДАЛИ ЗНАЕТЕ: Како македонските градови ги добиле имињата?

Дали некогаш сте се запрашале како македонските градови ги добиле имињата?

Во продолжение ви пренесуваме интересни детали за некои од нив.

Струмица

Со преселбата на Словените, која се одвивала во периодот од осумдесеттите години на 6 век до триесеттите години на 7 век, градот доживеал големи разурнувања. На овие простори се населило словенското племе Струмјани, кое го добило своето име по реката Стримон, која тие ја преименувале во Струма. Склавинијата на Струмјаните егзистирала како независно словенско кнежество определен период, додека не била завладеана од Византија.

Дојран

Потеклото на името Дојран се поврзува со една легенда - зимата 1371-1372 кога турските војски навлегувале во Македонија, стигнале и во Тауријан (Полин). Тие дошле од исток, а бидејќи било зима, езерото било замрзнато и покриено со снег… турската војска, без да знае, поминала преку замрзнатото езеро и стигнала во градот. Градските првенци, кои ја пречекале војската, прашале од каде поминале, а турскиот војсководец Евронос одговорил: „Ете, овде, преку полето“. Тогаш првенците му кажале дека тоа не е поле, туку дека поминале преку замрзнатото езеро, покриено со снег. Кога го разбрал тоа, Евронос наредил да се направи голема и богата гозба, што на турски значи „дојрумаќ“. Се смета дека од тој збор и по тој случај градот добил ново име.

Прилеп

Како и за други македонски градови, така и за Прилеп има неколку преданија за тоа како е настанат градот.

Едната од нив вели дека кога луѓето почнале да се населуваат во овој предел, ги „прилепувале“ своите куќи до Марковите кули и потоа се оформила прво населба, а потоа и град кој се нарекувал Прилеп.

Второто предание вели дека луѓето што се населувале правеле многу леб, па местото се прочуло како „прилебно место“ (место каде што се прави леб).

Според Блаже Конески, името Прилеп е создадено од личните имиња Прилепа и Прилепка.

Берово

Жителите на најисточниот град во Македонија раскажуваат две легенди за тоа како настанало името Берово. Според една легенда, името доаѓа од сточарот Беро, кој поседувал ливада – Беровска ливада помеѓу селата Робово и Мачево. Втората, и поверојатна верзија е дека луѓето „се береле“, односно се собирале од Малешевијата во Беровската Котлина и така дошло до името Берово.

Радовиш

Градот Радовиш го добива своето име по убавата кнегиња Рада која живеела тука, која и самата била заљубена во овој град. Поради нејзината убавина и во нејзина чест, градот го носи нејзиното име.

Струга

И за Струга постојат две легенди. Едната вели дека Струга го добила своето име поради отворената географска положба на градот – место каде што постојано „струже“ (дува ветер). Втората легенда вели дека некогаш, одамна, Брсјаците и Мијаците во струшкиот регион се занимавале со сточарство и овците ги носеле на стрижење токму на истекот на Црни Дрим од Охридското Езеро. Од стрижењето на овците се доаѓа до зборот Струга.

Охрид

Според легендата на браќата Миладиновци, кога се правела охридската крепост, царот Јустинијан се качил на ридовите меѓу кои лежи градот и извикал „ох рид“ – од каде што дошло името на градот.

Гостивар

Потеклото на името на овој град е словенско, односно поточно кажано чешко! Имено, во Прага постои цела населба која се нарекува Гостивар – на чешки Hostivar. Чешкиот збор хости всушност означува гости – гостопримливост, добредојденост и слично.

Кочани

За името на градот Кочани постои една легенда кои вели дека многу одамна човек по име Кочо отишол на печалба во Кина, од каде што го донел оризот во својот роден крај. Оризот успеал во овој регион, а населеното место го добило името Кочани во чест на човекот кој ја донел оваа култура во овој град.

Делчево

Старото име на овој град е Василево. Василево преведено од грчки означува Царево Село. Во турско време, Делчево се нарекувало и Султанија, а по Втората светска војна, во 1950 година, Президиумот на Народното собрание на НР Македонија донесува одлука Царево Село да се преименува во Делчево, во чест на Гоце Делчев.

Свети Николе

Се смета дека овој град го добил своето име по црквата „Свети Никола“. Во турско време, во овој град се наоѓале околу 40 цркви, и сите до една биле срушени, освен најубавата – „Св. Никола“. По неа градот го добил своето име.

Битола

И Битола има повеќе преданија за тоа како настанало ова име.

Најверодостојното од нив вели дека името Битола потекнува од старословенскиот збор „обител“ кој означувал збир на манастири, збир на свештеници, заедница на монаси. Како што веќе сите знаеме, Битола отсекогаш бил град со многу манастири, па оттука потекнува и грчкиот назив за овој град – Монастири.

Според Марко Цепенков пак, Битола го „должи“ своето име на големопоседникот Тољо, кој имал тврдина во непосредна близина на Битола. Кога Турците се приближувале до тврдината и градот, го повикувале Тољо на битка со зборовите „Би Тољо“ од каде што и потекнува сегашното име Битола.

Куманово

За тоа како настанало името на градот Куманово постои само една легенда, која е и доста логична. Се смета дека овој град го добил името по племето Кумани, кое во 1094 година се населило во овој предел и долго време се задржало во кумановската општина и пошироко.

Велес

Во текот на историјата градот Велес повеќе пати го менувал своето име, од Вила Зора и Ќупурли до Титов Велес и Велес. За настанокот на неговото име има две легенди.

Едната вели дека името го добил од словенскиот термин „В Лес“, кој означува „во шума“, со што се означувал пределот со густи шуми во близината на ова населено место, а втората легенда вели дека пределот околу Велес, кој бил погоден за пасење на добитокот, го населувале сточарски словенски племиња чиј бог на добитокот бил богот Велес.

Гевгелија

Според легендата за градот Гевгелија, некој дервиш сосема случајно залутал во овој град. Но толку му се допаднал што не сакал да си замине. Мештаните не сакале да го примат странецот во своето родно место, па се обиделе да го избркаат. Дервишот, повреден и тажен, заминал од градот колнејќи ги мештаните. Дури тогаш тие сфатиле дека треба да бидат гостопримливи и го повикале дервишот назад со зборовите гел-гери (ела назад) – од кои подоцна дошол зборот Гевгелија.

Крива Паланка

Сосема логично, името на градот Крива Паланка доаѓа од кривото корито на реката Крива.

Кратово

Кратово го добил своето име благодарение на својата местоположба. Како што сите знаеме, Кратово лежи во вулканска подлога, односно вулкански кратер и оттука доаѓа и името.

Скопје

Градот убав низ историјата сменил неколку имиња. Неговото античко име е Скупи, во византиските документи е запишан како Скопија, а Словените го нарекувале Скопје, Скопие и Скопље.

Извор: igeografija
Насловна Фотографија: Freepik

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема