Во оваа рубрика ви пренесуваме интересни податоци за нашата земја
Се наоѓа на јужниот дел од земјава, на околу 40 километри од Кавадарци. Зафаќа делови од планините Козјак и Кожув. Многумина мислат дека Алшар е неговото прастаро име, сепак, оригиналното име му е Мајден, по истоименото село до рудникот.
Таму е пронајден минералот лорандит - талиум арсен сулфид, кој иако е редок, е најчестиот минерал на талиумот. Лорандитот се користи за детекција на сончево неутрино преку одредена нуклеарна реакција во која е вклучен и талиумот. Има кристална структура и може да се синтетизира и во лабораториски услови.
Лорандитот првпат е откриен во рудникот Алшар, кај Кавадарци, во 1894 година. Минералогот Кренер открил нов минерал во рудникот Алшар кај Кавадарци и го нарекол „лорандит“ во чест на унгарскиот голем научник, баронот Лоранд Етвос.
Фото: Wikimedia
Научниците велат дека рудникот бил познат уште од дамнешни времиња. Но, поголема експлоатација се случила кон крајот на 19 век. Старото име на рудникот било Мајден, но бидејќи концесионер било семејството Алатини (Евреи со италијанско потекло), а главниот инженер бил Шартно, направена е кованицата Ал-шар по која и денес е познат рудникот.
Трудови за Алшар пишувале многу наши и странски научници, рудникот бил инспирација за многу писатели. Преклани беше промовирано капиталното научно дело, монографијата „Алшар – светско природно наследство“ од шестмина реномирани автори – академиците Глигор Јовановски и Блажо Боев и професорите Трајче Стафилов, Петре Макрески, Владо Матевски и Иван Боев.
Талиумот во рудникот се наоѓа пред сѐ во минералот лорандит, кој има црвена боја и релативно мала цврстина, слично на гипсот. Бидејќи е кршлив, кристалите може да се издвојат во помали. Освен во Македонија, лорандитот го има и во наоѓалишта на злато или жива во Таџикистан, Русија, Кина, Иран, Швајцарија и во САД. Сепак, Алшар е најбогатиот извор на лорандит.
Патот кон Алшар / Фото: Wikimedia
Научниците објаснуваат дека лорандитот дошол во фокусот на физичарите пред околу 30 години како можен геохемиски детектор на неутрина. Соларните неутрина потекнуваат од реакциите на фузија што се одвиваат во јадрото на Сонцето.
Лани светот одбележа 150 години од Периодниот систем на елементите, под покровителство на УНЕСКО. По тој повод, на големата свеченост во Париз присуствуваше и проф. д-р Зоран Здравковски, претседател на Сојузот на хемичарите и технолозите на Македонија. Во рамките на свеченоста имаше и филателистички Периоден систем – на местото за талиум беше ставена македонската марка на која е претставен минералот лорандит од Алшар.