X
 13.09.2020 Култура

Мистериозниот век на идеи во кој истовремено твореле Буда, Сократ и Конфуциј

Пред 2.500 години настапил период на инкубација на идеи низ целата планета каков што ретко се случува во историјата на човечката цивилизација. Можеби не сте знаеле дека Буда, Сократ и Конфуциј живееле во исто време, како и дека во период од околу 100 години, на преминот од 6 во 5 век пред нашата ера, се појавиле дотогаш незамисливи идеи во филозофијата, науката и религијата кои денес претставуваат основа за разбирање на светот.

Во овој период се напишани најголемите грчки драми, била составена првата индиска граматика, првите збирки на кинески мудрости и биле втемелени основите на историските науки, медицината и физиката.

Според легендата што се почитува во јудаизмот, христијанството и исламот, дејствувањето на пророкот Даниел, кој се сретнува со ангел, се поврзува со промената на власта во Вавилон откако во 537 година пред нашата ера завршило полувековното вавилонско ропство на Евреите. Тие се враќаат во Ерусалим, се подигнува нов храм и започнува период во кој ќе бидат напишани многу важни текстови, а Стариот завет ќе го добие обликот кој го знаеме денес.


Фото: Wikipedia

Речиси истовремено, во 528 година пред нашата ера, на северот од Индија, младиот принц Готама Буда патувал по рамнините и подножјето на Хималаите за да истражува зошто животот е толку болен за луѓето. Неговото учење подоцна ќе се прошири низ континентот и ќе стигне до Индокина. Будизмот со текот на времето ќе стане една од главните религии во светот.

Интересно, истовремено постоел и друг индиски мудрец, Махавира, кој ја формулирал античката религија џаинизам. Во Персија во ова време цветала религијата зороастранизам, која ја воспоставил мудрецот Заратустра. Се смета дека тој живеел околу 1.200 години пред нашата ера, но одредени автори сметаат дека тоа не е точно и дека Заратустра му бил современик на Буда.


Фото: Wikipedia

Далеку на истокот во Кина, каде што луѓето копале канали за наводнување веќе два века, во истиот период се водела војна на сто учења за значењето на светот. Во кинеската држава Лу, младиот Кунг Фу Це, кој на Западот ќе биде познат како Конфуциј, на крајот од 6 век пред нашата ера воспоставува нова доктрина за етиката во животот и водењето на државата, која станува основа на кинескиот поредок и религиозната мисла позната како конфуцијанство.

Истовремено на Апенинскиот Полуостров имало внатрешни немири на бреговите на реката Тибар. Последниот крал на Рим паѓа од власт и се воспоставува Римската Република, која во следните пет века ќе ја освои Италија, но и целиот свет околу Средоземното Море.

На другата страна од светот, во Средна Америка, зела замав уште една цивилизација. Од 650 година пред нашата ера се ширеле градовите во државата на Маите, а се смета дека во овој период бил создаден нивниот прв календар.


Фото: Wikipedia

На почетокот од 5 век пред нашата ера започнале познатите грчко-персиски војни кои станале симбол на конфликтот меѓу Европа и Азија, а градовите Атина и Спарта успеале да се борат против доминантната источна империја. Во Атина се изградил храмот Партенон и се создаваат најпознатите дела во грчката уметност. Во ова време живеел Перикле и многу други личности чие дело станало дел од глобалното историско и духовно наследство. Ова е време на врвни грчки филозофи, како Сократ. Грчките филозофи напредувале во нивното разбирање на светот како никогаш.

Овој век го обележува и зголемената употреба на леано железо, а се создаваат и катапултот, сидрото и кранот. Не е сосема јасно зошто овој период бил толку плоден за напредок, но веројатно станува збор за спој од знаења и големината на населението. Човечкото население тогаш првпат достигнало 100 милиони, иако тоа е предмет на многу демографски дискусии.

Автор: Слободан Бубневиќ
Извор: naukakrozprice.rs
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура