X
 13.09.2024 Живот

Што се смета за добра плата? Споредба на платите во европските метрополи

Добрата плата може многу да варира во зависност од професијата, образованието и личните очекувања на поединецот. Што претставува добра плата во големите европски метрополи е прашањето на кое „Јуроњуз“ се обидува да даде одговор.

Што е потребно за добра плата во вашата земја?

Одговорот на ова прашање не е толку едноставен. Според Крис Частин, директор за истражување на Институтот за економски истражувања ЕРИ, одговорот зависи од тоа каде живеете, вашето искуство, образование, индустрија, потреби и начин на живот. Врз основа на процените од агенциите за регрутирање и увидите од експертите, „Јуроњуз бизнис“ испитува што претставува добра плата во некои европски метрополи.

Секоја плата над просекот може да се смета за добра, според сознанијата на Крис Честин.

Годишната бруто-плата помеѓу 64.000 и 70.000 евра се смета за добра плата во Германија. Ова се преведува на приближно 40.000 до 43.000 евра нето годишно или помеѓу 3.300 и 3.600 евра нето месечно за едно лице.

Платите во Берлин се умерено повисоки во споредба со другите германски градови, кога станува збор за различни професии.

- Иако трошоците за живот во Берлин се зголемија во последниве години, тие остануваат попристапни од другите големи европски метрополи како Лондон и Париз. Берлин нуди плати за професионалци кои се во средината на кариерата помеѓу 40.000 и 60.000 евра бруто на годишно ниво - вели Мајкл Штул, управен директор во „Менпауергруп Ју-кеј“.

Добра плата за удобен живот во Франција е околу 3.200 евра месечно по личност

Од 2024 година просечната месечна нето-плата во Франција е 2.587 евра, додека просечната плата е 1.940 евра, според „Хаусингенивер“. Вообичаено, добрата плата за удобен живот во Франција е околу 3.200 евра месечно за самец или 5.600 евра месечно за тричлено семејство.

Сепак, поради повисоките трошоци за живот во Париз, ќе ви требаат приближно 3.400 евра месечно за удобен начин на живот во главниот град.

Добрата месечна нето-плата во Шпанија е околу 2.700 евра за една личност


Просечната нето-плата во Шпанија во 2024 година е 1.785 евра месечно или 2.250 евра бруто. За удобен живот, добрата месечна нето-плата во Шпанија се проценува на околу 2.700 евра за самец или 4.000 евра за едно семејство.

Имајќи предвид дека просечната плата во Мадрид е за 18% повисока од националниот просек, добрата месечна нето-плата во главниот град за самец треба да биде најмалку 3.185 евра.

Професионалец кој е на средината на неговата кариера во Мадрид би можел да заработува помеѓу 35.000 и 55.000 евра бруто годишно. Иако оваа плата е пониска од таа во Париз, овој опсег се усогласува со поумерените трошоци за живот во градот.

За удобен живот во Ирска, потребна е бруто-плата од 4.100 до 6.000 евра месечно


Во Ирска, бруто-плата која се движи помеѓу 4.100 и 6.000 евра месечно се смета за добра за удобен живот. Просечната бруто-плата за работниците со полно работно време во оваа земја е 3.220 евра месечно.

Платите во Рим заостануваат зад северноевропските градови

Добрата плата за работник кој е во средината на кариерата е обично во опсег од 35.000 евра до 50.000 евра бруто годишно. Платите во Рим се генерално пониски во споредба со северноевропските градови, но тоа е делумно избалансирано со пониските трошоци за живот.

Добрата бруто-плата во Рим обично се движи помеѓу 3.750 и 5.690 евра месечно.

Потребно е да се размисли за вкупниот надоместок, а не само за платата


„Добрата плата“ не се однесува само на основната плата.

- Размислете за целиот пакет за компензација, вклучувајќи бонуси, опции за акции, здравствено осигурување, пензиски придонеси, платено отсуство и други поволности. Во некои случаи овие бенефиции можат да ја направат попривлечна пониската основна плата - вели Мајкл Стул.

Поголемо задоволство од платите во северните и во западните земји на ЕУ

Анкетата на Генералниот директорат за регионална и урбана политика на Европската комисија за 2023 година за квалитетот на животот во европските градови открива значителни варијации во финансиското задоволство на домаќинствата низ ЕУ.

Уделот на луѓе задоволни од финансиската состојба на нивното домаќинство се движи од 39 отсто во Атина до 87 отсто во Луксембург. Задоволството е генерално поголемо во градовите лоцирани во северните и во западните земји на ЕУ.

Извор: Euronews.com
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот