Земјите од Централна и од Источна Европа се на врвот на листата со инвестиции во имот, според новиот извештај.
Литванија и Унгарија се меѓу најдобрите земји за инвестирање во имот, додека Белгија и Франција се рангирани меѓу најлошите, според новата студија на британската компанија за релокација „Фрст мув интернешнл“.
Извештајот ги испитува клучните елементи на инвестициите во имот низ европските земји, вклучувајќи ги стапките на данокот на имот, данокот на доход на киријата и бруто-приносот на изнајмување, а резултатите покажуваат дека Литванија е најдобриот избор, како најдобра земја за инвестирање во недвижен имот.
Најдобрите места за инвестирање во имот во Европа
Литванија, односно главниот град Вилнус ветува просечен принос на изнајмување од 5,65 отсто, според најновите податоци на „Глобал проперти Гајд“.
Цените за кирија се високи, повеќе од 170 отсто отколку во 2015 година, според ОЕЦД. Данокот на доход на киријата изнесува 15 отсто. На странците не им е ограничено да купуваат имот.
Цените на недвижностите скокнале за повеќе од 10 отсто во вториот квартал на 2024 година во споредба со претходната година, според „Евростат“ и трендот најверојатно ќе продолжи, обезбедувајќи добар поврат на инвестицијата.
Естонија е рангирана како втор најдобар избор за инвеститорите. И на нерезиденти на балтичката држава им е дозволено да купуваат имот во градот. Трошоците за купување, вклучувајќи ги даноците, се сметаат за ниски, околу 1,3 отсто. Во меѓувреме, цените за изнајмување се релативно високи, со годишен бруто-принос од изнајмување од околу 4,5 отсто, а данокот на доход на киријата е 20 отсто.
Со оглед на тоа што цените на недвижностите се зголемиле за 6,7 отсто во текот на годината до јуни 2024 година, вредноста на инвестицијата може дополнително да се зголеми.
фото извор: 1st Move International
Романија е рангирана на третото место во овој извештај, каде што има релативно ниски дополнителни трошоци за купување, многу ниска просечна стапка на данок на доход од изнајмување од 10 отсто и релативно висок бруто-принос од изнајмување од 6,46 отсто годишно.
Ирска ветува високи приноси, главно поради високите цени за изнајмување, но зголемените даноци би можеле да одземат залак од годишниот нето-приход. Земјата се соочува со станбена криза со недоволно изградени домови за зголеменото население, бидејќи цените продолжуваат да растат.
Според овој извештај, постојат и добри можности за инвестирање во имот во земјите од Централна и Источна Европа како Унгарија, Словенија и Полска, каде што кириите се високи (во Унгарија 180 отсто отколку во 2015 година), но даноците се умерени.
Цените на куќите во Полска се зголемиле за 17,7 отсто, во Унгарија 9,8 отсто и во Словенија за 6,7 отсто во 12. месеци пред јуни 2024 година, според „Евростат“.
Најлошите места за инвестирање во недвижен имот
Во меѓувреме, најлошите земји за кои се размислува за инвестирање во имот според овој извештај се Белгија, Франција и Грција.
Белгија има една од највисоките трансакциски трошоци во Европа, а данокот на доход на киријата лесно може да достигне 50 отсто. Просечниот принос е околу 4,2 отсто, но тоа може да биде повисоко во Брисел. Цените на недвижностите се зголемиле за 3,4 отсто на годишно ниво во вторите три месеци од 2024 година.
Франција се смета за втора најлоша земја за инвестирање во имот, според извештајот, кој нагласува дека даноците и трошоците за купување и изнајмување се релативно високи. На пример, просечната стапка на данок на доход од изнајмување на инвеститорите во недвижности е 18,28 отсто. Годишниот бруто-принос од изнајмување е околу 4,5 отсто. Според „Евростат“, цените на недвижностите во Франција всушност се намалиле за 4,6 отсто оваа година.
Грција е на третото место на листата со најлоши земји за инвестирање во имот поради високите трошоци за купување и зголемените нивоа на данокот на доход, со просечни стапки на данок на доход од изнајмување над 33 отсто, се забележува во извештајот.
Што „Гугл“ може да каже за трендовите
Извештајот разгледува кои земји се најпопуларни врз основа на пребарувањата на „Гугл“ и открил дека Шпанија и Португалија се топ-дестинации за купување.
Глобалните пребарувања за купување имот достигнале 279.000 помеѓу 2023 и 2024 година за Шпанија. Земјата нуди нерезидентни даночни поволности за странските инвеститори, стандардна стапка од 19 отсто за граѓаните на ЕУ/ЕЕА или 24 отсто за граѓаните на трети земји на оданочен приход (како изнајмување имот) во Шпанија.
Втората најпребарувана земја е Португалија со повеќе од 270.000 пребарувања кои се однесуваат на купување имот во земјата, каде што странците можат да купат имот под исти услови како и локалното население.
Сепак, популарноста на овие две земји резултирала со хроничен недостиг на прифатливи станови за локалното население. Номиналните цени на становите се зголемиле за речиси 70 отсто во Португалија од 2015 година, според ОЕЦД.
Извор: euronews.com
Фото: Freepik