Пишувавме и за тоа кои дисперзирани студии ќе се селат во други градови, а гостин во рубриката „По скалилата на успехот“ ни беше Боб Смит, извршен директор на Холандско-македонската стопанска комора NL Chamber
Иако голем дел од одредбите од новиот Закон за високо образование не се применети во оваа академска година, институциите уверуваат дека квалитетот во високото образование се проверува. Минатата недела објавивме и како институциите играат пинг-понг со жалбата на просветниот инспектор Ѓорѓи Илиевски за неговото деградирање, а и за омилениот филмски фестивал на децата и младите во Македонија - „Џифони Македонија“. Откривме и кои дисперзирани студии ќе се селат во други градови, а гостин во рубриката „По скалилата на успехот“ ни беше Боб Смит, извршен директор на Холандско-македонската стопанска комора NL Chamber.
Нема застој во оценувањето на квалитетот на високото образование, образовните институции и акредитирањето на новите програми, уверуваат од
Министерството за образование и наука.
Ова прашање се отвори бидејќи и оваа академска година почна без примена на повеќето одредби од новиот Закон за високо образование. На пример, веќе требаше да почнат со работа Агенцијата за квалитет во високото образование (Одбор за акредитација и Одбор за евалуација на високото образование) и Националниот совет за високото образование и научноистражувачката дејност, но тие сѐ уште не се ни формирани. Никој не знае ниту кога ќе се распишат нови студентски избори на државните универзитети.
Инспекцискиот совет на Македонија го врати предметот по жалбата на инспекторот Ѓорѓи Илиевски за начинот на кој беше деградиран на работното место во Агенцијата за администрација.
Како што пишуваше Факултети.мк, инспекторот Илиевски претходно од Агенцијата за администрација за одлучување по жалби и приговори на административните службеници во втор степен доби одговор дека тие се ненадлежни да донесат одлука по неговата жалба и го препратија во Инспекцискиот совет.
Институциите играат пинг-понг со неговата жалба.
Голем број од државните факултети отворени во помалите градови пред десетина години не ги дадоа посакуваните резултати. Без посебен интерес за упис на студенти, немање доволно инфраструктурни и кадарни капацитети за реализација на квалитетна настава, ова се главните проблеми на овие студии.
По предлог на две пратенички групи, Комисијата за образование, наука и спорт расправаше да се укинат дисперзираните студии на неколку факултети во рамките на универзитетите „Гоце Делчев“ од Штип и „Св. Климент Охридски“ во Битола. Предлагачите тврдат дека со измените нема да има дополнителни буџетски трошоци и сметаат дека законите треба да се донесат по скратена постапка.
Машинскиот факултет од Виница, Технолошко-техничкиот од Пробиштип и Електротехничкиот факултет од Радовиш ќе бидат префрлени во Штип поради неможноста за развој на овие три дисперзирани факултети што му припаѓаат на Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип.
Гостин во рубриката
„По скалилата на успехот“ ни беше Боб Смит, извршен директор на Холандско-македонската стопанска комора NL Chamber.
Роден е во Бевервејк, но растел во Схорл, на пет километри од Северното Море. Таму се капеле среде лето, кога водата имала 13-17 Целзиусови степени. Затоа Холанѓаните напролет се капат во Охридското Езеро! Ова е приказната на Боб Смит, Холанѓанецот кој одлично зборува македонски јазик и кој во 2002 година реши да мигрира во Македонија, а денес е извршен директор на Холандско-македонската стопанска комора NL Chamber.
Боб Смит на Back to Business Breakfast во 2014 година
Водејќи се од начелата дека сè е можно, дека средношколците во Македонија на распуст треба да работат за да почувствуваат што значи лична заработка, дека економијата бара ефикасност, Смит вели дека оваа земја има голем неискористен потенцијал. Ова се неговите скалила на успехот.
Пишувавме и за омилениот филмски фестивал на децата и младите во Македонија -
„Џифони Македонија“. Неколку стотици џифонци со магијата на филмот и моќта на слободната мисла и дружењето, во наредните шест дена ќе дискутираат на многу теми испровоцирани од филмовите што ќе ги гледаат. Пред неколку години како џифонец во Скопје првпат дојде и Џани Мирабело од Италија.
Џани Мирабело
Тогаш ученик во средно училиште, а денес веќе студент на факултет за информатика во Салерно. Откако минатата година повторно му се врати на „Џифони Македонија“, овој пат како диџеј, годинава повторно ќе настапи, на затворањето на фестивалот на 17 октомври.
- Диџеј сум од 14 години. Почнав да настапувам во мојот град и потоа се преселив во Салерно. Едно од моите последните најубави искуства беше токму забавата што се одржа лани - ни рече тој.