Омилениот филмски фестивал на децата и младите во Македонија – „Џифони Македонија“ почнува денеска. Повеќе од 600 деца и млади од десет земји во наредните шест дена со помош на магијата на филмот и моќта на слободната мисла и дружењето ќе дискутираат на многу теми испровоцирани од филмовите што ќе ги гледаат. „Џифони Македонија“ е местото каде што се создаваат пријателства што траат, а неретко џифонците што доаѓаат од странство повторно им се враќаат на своите пријатели стекнати за време на фестивалот.
Диџеј Џани Мирабело
Таква е и приказната на Џани Мирабело, кој првпат дошол на „Џифони Македонија“ во Скопје пред пет години. Тогаш бил ученик во средно училиште, а денес диџеј и студент на Факултетот за компјутерско инженерство во Салерно, Италија. Откако минатата година повторно му се врати на фестивалот како диџеј, годинава ќе настапи на завршната забава што ќе се одржи на 16 октомври во Денсинг-салата на Младинскиот културен центар.
Благодарение на искуството со „Џифони Македонија“ и гостопримството на фамилијата кај што бил сместен, Џани посакал повторно да ѝ се врати на Македонија.
- Диџеј сум од 14 години. Почнав да настапувам во мојот град и потоа се преселив во Салерно. Едно од моите последни најубави искуства беше токму забавата што се одржа лани. Првпат дојдов во Скопје во 2014 година. На почетокот бев малку анксиозен зашто тоа ми беше прво искуство да бидам сместен кај фамилија. Но, на крајот тоа беше прекрасно искуство. Создадов многу пријателства и запознав многу прекрасни луѓе - вели младиот Џани.
Џани заедно со фамилијата кај која бил сместен за време на ланското учество на „Џифони Македонија“
Планините околу Скопје и храната, особено ајварот, најмногу му се допаѓале кај нас. Летово го посетил и Охрид.
- Многу ми се допаднаа езерото и пејзажот. Исто така, пробав и пица во италијанска пицерија и беше добра - се смее Џани.
Тој првпат учествувал на фестивалот „Џифони“ во Италија кога имал шест години.
- Тогаш само гледав филмови и се враќав дома. Почнав да уживам во фестивалот на 13 години. Го сакам „Џифони искуство“ поради мојата страст кон филмот и поради можноста да запознаам нови луѓе од сите делови на светот - вели младиот диџеј.
Тој признава дека силно пријателство го врзало со фамилијата кај која бил сместен минатата година.
- Искуството на „Џифони Македонија“ ми беше многу важно зашто можев да поминам време во семејство. И по првата година повторно ги сретнав луѓето со кои имам силно пријателство и многу се радувам - вели тој.
- Се надевам дека жирито на фестивалот ќе има супер забава со мене. Секоја година е различна, а знам дека и оваа ќе биде прекрасна!