Оваа изложба во Солун ми е особено драга затоа што е заедничка со големиот грчки уметник Јоргос Ксенос. Дополнителна вредност е нашето пријателство, а и грчката публика ја сметам како своја, а приемот на мојата уметнсот во Грција е извонреден, вели Јанкуловски
Инаку, во колекцијата на музејот „Остен“ има 85 оригинални дела од Пикасо: 30 керамики, 8 цртежи и другите се рачно потпишани графички листови
Неодамна награден на Биеналето Ларнака на Кипар, а вратен од отворањето на негова изложба во Солун, македонскиот сликар, аниматор, карикатурист и директор на „Остен“, Мице Јанкуловски-Мицко, и во време на пандемија покажува дека креативниот порив кај него беспрекорно тече. Покрај тоа што е еден од нашите најнаградувани уметници, Јанкуловски важи и за страстен колекционер на уметнички дела. Во сегашната творечка фаза тој ѝ е посветен на црната боја, по речиси 50 години колоритно творештво.
- Црната ги содржи сите бои, а јас до сликање само со црна боја дојдов по речиси 50 години творештво започнувајќи со првата фаза, каде што сликав органски форми во неорганизирани системи и ги употребував речиси сите бои, за во втората фаза значително да навлезам во формите од првата фаза и ги разбив сликајќи нивни детали на платна со големи димензии најчесто со две бои, по што навлегов во црната боја, сосем ослободувајќи се од боите.
За неговата последна меѓународна активност, изложбата „Ко+егзистенција, со+чувство“, каде што е претставен заедно со големиот грчки уметник Јоргос Ксенос, Јанкуловски зборува со голем восхит, пред сѐ, за одличниот прием што го имал од страна на грчката публика. Изложбата беше отворена на 11 ноември и ќе трае до 9 декември во галеријата „Лола Николау“ во Солун.
- Оваа изложба ми е особено драга затоа што со Јоргос Ксенос имаме блиска сензибилност, неверојатно сме компатибилни во творештвото и сигурен сум дека ќе биде вистинско уметничко доживување за љубителите на уметноста. Дополнителна вредност е нашето пријателство, а и моето чувство што грчката публика ја сметам како своја. Приемот на мојата уметност во Грција е извонреден, оваа изложба со Јоргос Ксенос е само визуализирање на тоа заемно чувство.
Пандемијата му отворила време за творење
Јанкуловски вели дека пандемијата на некој начин му оди во прилог, пред сѐ, во организација на времето и приоритетите, со тоа што тој тврди дека сега има повеќе време за творење. Од тој аспект, Јанкуловски работи повеќе од кога било, а паралелно, како директор на „Остен“, не дозволи откажување на ниту една изложба.
- Пандемијата сите нѐ упати да се свртиме кон своите светови, а ние, уметниците, веќе сме таму. Од тој, уметничкиот аспект, статичноста и изолираноста што ги донесе пандемијата може да се каже дека ми одат во прилог зашто се видоизменија обврските што ги носеше секојдневието на начин на кој бевме навикнати. Одеднаш времето доби нова димензија, за мене многу поповолна зашто се ослободив од „дупките“ во времето кои секојдневно се наметнуваа по инерција, а кои ми го скратуваа времето за уметничко творење.
- Од друга страна, „Остен“ има јавна дејност, активностите се поврзани со присуство на јавноста, а физичкото присуство на јавноста во пандемијата (помалку или повеќе во зависност од брановите) е лимитирано. Се разбира, се приспособувавме на состојбата и не откажавме ниту една планирана програмска активност. Напротив, наместо една, организиравме две изложби на Остен Биеналето на цртеж Скопје 2020 – за да им излеземе во пресрет на сите уметници во светот што сакаа, а не можеа во периодот на изложбата физички да дојдат.
Првата слика ја насликал на 15 години, во 1969 година
Творештвото на Јанкуловски влече корени од 1969 година, кога на 15-годишна возраст ја нацртал првата слика. Уметноста и колекционерството се две работи што тој не ги двои и вели дека сосема случајно се појавиле во неговиот живот. Јанкуловски не може да го посочи најдрагото дело од својата колекција, велејќи: „Не се прашува родителот кое дете најмногу го сака“.
- Можам да кажам дека уметноста и колекционерството се отсекогаш неразделен дел од мене. И за едното и за другото не сум бил свесен во моментот кога се случувале, туку едноставно е така. Мојата прва слика ја имам направено во 1969 година, на моја 15-годишна возраст, а за прв цртеж како колекционер го сметам цртежот на Адолф Борн (голем уметник, карикатурист и илустратор од Чешка) од 1972 година, кој беше дојден во Скопје по повод наградата добиена на Светската галерија на карикатури и ние тогаш имаме разменето цртежи.
- Колекционерството го сметам за специфичен израз во уметноста, уметниците се често и колекционери. Рихтер, на пример. Тоа е почит кон колегите, делата и уметноста во целост. Човек, или уште подобро уметник, кој уметноста не ја практикува, туку ја живее (како мене) е природно да развие ваков афинитет на собирање уметнички дела. Јас само знам за себе дека како млад уметник сум сонувал да видам дело на Пикасо. Па отидов во Виена да видам изложба на Пикасо, за денес да имаме 85 дела од Пикасо во колекцијата на галеријата на „Остен“. Јас сум голем љубител и приврзаник на идеологијата на Пикасо.
Мице Јанкуловски со Марина Абрамовиќ/фото:официјална страница
Дружба со водечките југословенски и светски уметнички имиња
Дружењето со колегите секогаш било составен дел од креативниот процес на создавање на уметноста. Дружењето било уметност само по себе, вели Мицко. Тој низ долгата кариера има седено на маса и разменувано идеи со низа звучни уметнички имиња, што и самиот смета дека придонело тој да се изгради како уметник. Не се навраќа премногу на минатото, туку гледа кон иднината, гледајќи на уметноста како нешто што постојано се менува и развива.
- Најубавите дружења биле оние за кои не сме биле свесни дека еден ден ќе бидат дел од историјата на уметноста. Сум се дружел со сите водечки имиња меѓу уметниците од поранешна Југославија: Величковиќ, Генералиќ, Лацковиќ, Циуха, Бербер, Милич од Мачва, Тисникар... Сум бил во друштво и со светски познати уметници како: Јиржи Андерле, Ернст Фукс, Кристо, Марина Абрамовиќ, Тони Крег, Пјер Сулаж, Кабакови... Мојот заклучок е дека колку се луѓето повисоко на професионалните скалила, толку се поедноставни.
Уметноста постојано се развива и сите ние, уметниците, историчарите на уметност, кураторите, галеристите, колекционерите, професорите, аналитичарите, сите имаме свое место во развојот на оваа прекрасна и толку неопходна област за човекот – уметноста. Колку што уметниците ќе отидат далеку во својата имагинација – толку човештвото отишло далеку во создавањето на својата реалност. Умешноста е новините што ги носи интернетот и дигитализацијата да се стават во своја функција. Со работењето само со црна боја, јас открив и сѐ уште откривам нови светови со кои неуморно го градам мојот универзум.
фото: Приватна архива